Јубилеи 30 години конзуларно делување и 25 години Француска алијанса во Битола
- Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола, месецот на Франкофонијата ќе го одбележат со акцент на две значајни годишнини, 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Битола, 5 март 2026 (МИА) - Францускиот почесен конзулат и Француската Алијанса во Битола, месецот на Франкофонијата ќе го одбележат со акцент на две значајни годишнини, 30 години конзуларно делување и 25 години Француска Алијанса Битола, институција која веќе четврт век ги промовира францускиот јазик, култура и вредности.
Месецот на Франкофонијата не претставува само програма од настани тоа е прослава на заедничките вредности, на љубовта кон јазикот, уметноста и отвореноста кон светот, информира Калиопа Кривашија Стилиновиќ, почесен конзул на Република Франција во Битола.
-Во текот на март и април ќе понудиме активности за сите вкусови, за сите генерации и публиката ќе има можност да ужива во богата и разновидна програма. На различни локации во градот ќе биде понуден современ француски танц, ќе организираме свечена приредба во изведба на нашите најдраги, учениците со емотивен омаж на франкофонските вредности и на долгогодишната културно образовна мисија, ќе има Вечери со франкофонски филмови и Мала школа на краткометражни детски филмови, а Џез Фабрика Фестивалот ќе биде со француски гости како прослава на слободата, импровизацијата и културната размена, посочи Кривашија Стилиновиќ.
Програмата „Франкофонска пролет“ во Битола ќе се реализира со поддршката од Француската Амбасада односно Францускиот Институт од Скопје, како и Фестивалот ТАНЦ -ФЕСТ, но и во партнерство со Општина Битола , НУ Народен Театар Битола, НУ Центар за култура Битола , ЈОУ Културен и информативен центар - Битола и Europe House Bitola, како и француската асоцијација Aye Aye VO / Festival International du Film de Nancy, гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола и основните училишта „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Св. Кирил и Методиј“, „Стив Наумов“ и „Св. Климент Охридски“. мт/дма/
Фото: Плакат