• сабота, 19 септември 2026

Јерковиќ ќе ги тренира голманите во македонската репрезентација

Јерковиќ ќе ги тренира голманите во македонската репрезентација

Скопје, 27 август 2026 (МИА) - Ракометната федерација на Македонија потпиша договор со хрватскиот стручњак Драган Јерковиќ, кој ќе биде задолжен за работата со голманите во стручниот штаб на машката сениорска репрезентација. 

- Голема чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од македонската репрезентација во квалификациите за Европското првенство, како и на Светското првенство во Германија.
Повикот од мојот поранешен соиграч и пријател Кирил Лазаров едноставно не можев да го одбијам. Македонија е репрезентација која има посебна емоција и огромна желба за напредок, а ракометот во оваа земја е повеќе од спорт – тој е дел од нејзината традиција и идентитет.
Особено ме радува работата со нашите голмани, бидејќи сметам дека имаме одличен спој на искуство и младост. Верувам во нивниот потенцијал и сигурен сум дека со заедничка работа можеме да направиме голем исчекор и да оствариме добри резултати.
Ќе дадам се од себе со моето искуство и знаење да ѝ помогнам на репрезентацијата и заедно да завршиме добра работа, изјави Јерковиќ.

Тој зад себе има богато интернационално искуство, како и искуство во германската Бундеслига. Во изминатите две сезони беше тренер на голманите во Рајн Некар, а од сезоната 2026/27 својата кариера ја продолжи во Ерланген. зс/

Фото: РФМ