Ѓорче Петров со нови услови за инклузивно образование во Основното училиште со ресурсен центар „д-р Златан Сремец“
- Општина Ѓорче Петров обезбеди просторни и технички услови за реализација на наставата на Основното училиште со ресурсен центар „д-р Златан Сремец“, кое функционира во рамки на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, соопштуваат од локалната самоуправа.
Скопје, 23 март 2026 (МИА) - Општина Ѓорче Петров обезбеди просторни и технички услови за реализација на наставата на Основното училиште со ресурсен центар „д-р Златан Сремец“, кое функционира во рамки на ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“, соопштуваат од локалната самоуправа.
Оттаму наведуваат дека станува збор за една од првите вакви практики на локално ниво во Република Македонија, со која се унапредуваат условите за инклузивно образование и се овозможува соодветна поддршка за учениците со попреченост.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакнал дека оваа иницијатива е јасен показател дека инклузијата не треба да остане само декларативна, туку да се преточи во конкретни услови и поддршка на терен.
-Создаваме средина во која секое дете има еднаква шанса за развој и пристап до образование, без разлика на предизвиците со кои се соочува - посочил Стојкоски.
Соработката помеѓу Општината и ОУРЦ „д-р Златан Сремец“ е формализирана со меморандум потпишан во 2024 година, со што се воспоставува континуирано партнерство насочено кон обезбедување стручна и институционална поддршка.
Од Општината најавуваат дека ќе продолжат со активности насочени кон унапредување на инклузивните политики и создавање услови за квалитетно образование за сите ученици.ар/вј/
Фото:Општина Ѓорче Петров