Штипскиот Факултет за образовни науки одбележа 30 годишен јубилеј
- Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип со свечена академија денеска одбележа 30 години од своето постоење. Деканот на ФОН при УГД-Штип, Трајче Стојанов по повод 30 годишниот јубилеј истакна дека на овој факултет се создавале учители и педагошки кадар кои го носат образованието низ целата држава.
Штип, 23 декември 2025 (МИА) - Факултетот за образовни науки (ФОН) при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип со свечена академија денеска одбележа 30 години од своето постоење. Деканот на ФОН при УГД-Штип, Трајче Стојанов по повод 30 годишниот јубилеј истакна дека на овој факултет се создавале учители и педагошки кадар кои го носат образованието низ целата држава.
-Ова значи дека оваа долга традиција не обврзува да продолжиме да работиме во истата насока, дури и уште понапорно за да ги достигнеме врвовите на нашите претходници. Во план е акридетирање на нови студиски програми, така што се зголемува Факултетот за образовни науки и се шири во сите дисциплинарни подрачја на педагошката наука, кои треба да одговорат на современите предизвици. Учители секогаш ќе требаат, да се согласувам дека финансиската состојба е навистина таква како што е, но видете сите ние ова го работиме првенствено од љубов кон професијата, рече Стојанов.
Тој истакна деја вештачката интелигенција е сериозен предизвик и за учителите, воспитувачите.
-Новите трендови, особено развојот на информатичката технологија, особено сега со појавата на вештачката интелигенција носи сериозни предизвици и токму од тие причини реков дека пред факултетот стои нов предизвик. Ние сме во постапка на акредитирање на нови студиски програми, меѓу другото една од тие е и она што сега е тренд дигитална педагогија, посочи Стојанов.

Меѓу присутните беше и поранешниот декан и професор Блаже Китанов, кој истакна дека мотивирачки е да се работи на едукација на наставници, но смета дека во новиот современ свет е потребен нов пристап во работата со студентите.
-Не беше лесно да се работи толку време, затоа што јас тука го поминав речиси целиот работен век. Точно 40 години работа на Педагошката академија, па и на Педагошкиот факултет. Од 1980 година до 2020 година секогаш било возбудливо и интересно. Мотивирачки е да се работи на едукација на наставници за оделенска настава и воспитувачи и мислам дека сега во овој век потребен е нов пристап во работата со студентите, бидејќи доминира информатичката технологија. Ние треба што е можно повеќе да ја доближиме книгата за читање на факултетите, изјави Китанов.
На 19.06.1995 година со одлука на управата на тогашниот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“-Скопје, а по одобрение на тогашното министерството за образование и физичка култура Вишата педагошка академија премина во Педагошки факултет. вдј/вј/
Фото: МИА