Шеста хуманитарна акција за „Свети Никола“ во Велес
- Традиционалната шеста по ред хуманитарна акција што за празникот „Свети Никола“ во Велес, ја организира гостилницата „Боем“ заедно со здружението „Нула гладни во Велес“ и волонтерите на Општинската организација на Црвен крст денеска на семејства во ризик им поделија 850 топли оброци. Воедно, Дедо Мраз на 100 деца им подели и новогодишни пакетчиња и играчки.
Велес, 19 декември 2025 (МИА) - Традиционалната шеста по ред хуманитарна акција што за празникот „Свети Никола“ во Велес, ја организира гостилницата „Боем“ заедно со здружението „Нула гладни во Велес“ и волонтерите на Општинската организација на Црвен крст денеска на семејства во ризик им поделија 850 топли оброци. Воедно, Дедо Мраз на 100 деца им подели и новогодишни пакетчиња и играчки.
Како и изминатите години, оброците и новогодишните пакетчиња и играчки беа донирани во изминатите денови од хуманите граѓани.
-Во духот на заедништвото и солидарноста, беа поделени 850 топли оброци. Волонтерите на Општинскиот Црвен крст, со несебична посветеност, пакуваа по две кутии ручек и по две лепчиња, кои им ги поделија на сите граѓани кои дојдоа да добијат топол оброк. Воедно со насмевка им искажаа и искрена поддршка и внимание во духот на солидарноста. Посебна радост донесе Дедо Мраз, кој од својата вреќа со подароци ги израдува најмладите. Поделени беа 100 новогодишни пакетчиња, многу бомбони, играчки, тротинет, што придонесе детските очи да заблескаат, а насмевките на најмладите, ја искажуваа нивната благодарност, наведуваат организаторите.
Трајче Мешков од гостилницата „Боем“, им се заблагодари на сите велешани кои како и во изминатите години и годинава во оваа акција ја искажаа својата хуманост на дело и поттврдија дека семејствата на кои им треба помош не се заборавени.
Инаку, оранизаторите вакви и слични хуманитарни акции организираат за сите поголеми верски и други празници кога хуманаста и подадената рака најдобро ја искажуваат смислата на празнувањата. ад/вг/
Фото: МИА