• недела, 08 март 2026

Швајцарските болници пред колапс: Недостиг на кадар и финансиска криза го тресат здравството

Швајцарските болници пред колапс: Недостиг на кадар и финансиска криза го тресат здравството

Берн, 7 март 2026 (МИА) – Состојбата во швајцарските болници останува „исклучително напната“ поради растот на бројот на пациенти, недостигот на персонал и ограничените финансиски средства, предупреди директорката на националната организација на болници „Х+“ (H+), Ан-Женевјев Битикофер.

Во интервју за весникот „Тамп“ (Le Temps), таа укажа дека здравствените установи се соочуваат и со се поголемо административно оптоварување кое често не е финансирано, а му одзема драгоцено време на медицинскиот кадар на штета на грижата за пациентите.

Според Битикофер, политичкиот притисок за намалување на трошоците довел до недоволно финансирање на здравствените услуги – околу 25 отсто во амбулантската и 10 отсто во стационарната нега. Тоа значи дека сегашните тарифи покриваат само околу 75 отсто од реалните трошоци, па болниците се принудени разликата да ја надополнуваат од сопствените резерви или од добивката.

Студијата на „Х+“ од ноември 2025 година потврдува дека системот е поставен на неодржлив начин. Како клучни препораки за спас се наведуваат поголема координација меѓу болниците, зајакнување на амбулантската нега и забрзана дигитализација. Битикофер истакна дека трансформацијата е веќе почната преку вмрежување на установите, но напомена дека високоспецијализираните процедури не можат да се изведуваат во секоја болница ако се сака да се гарантира безбедност и квалитет.

Таа заклучи дека приоритет мора да биде усогласувањето на финансирањето со реалните трошоци и инфлацијата, бидејќи за разлика од другите сектори, медицинските тарифи не се прилагодуваат автоматски, што создава долгорочна финансиска нерамнотежа. ссм/

фото: архива/илустрација

Остани поврзан