Хусеин: Околу 3.000 припадници на ИД префрлени од Сирија во Ирак
- Околу 3.000 припадници на Исламска држава префрлени се од сириските затвори во Ирак, а Багдад преговара и со други земји за репатријација, изјави денеска ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Минхен, 13 февруари 2026 (МИА) – Околу 3.000 припадници на Исламска држава префрлени се од сириските затвори во Ирак, а Багдад преговара и со други земји за репатријација, изјави денеска ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Тој наведе дека Багдад веќе разговарал со дел од арапските и европските држави за да ги примат милитантите, кои се нивни државјани.
Исто така, почнавме да разговараме со некои земји за да ни обезбедат финансиска поддршка, бидејќи ако тие илјадници терористи останат во Ирак долго време, тоа е многу опасно во однос на безбедноста, па затоа ни е потребна поддршка од разни земји, наведе Хусеин.
Претходно, Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) соопшти дека американските сили ја завршија својата мисија за префрлање на затворените припадници на ИД од Сирија во Ирак. Но, во соопштението на ЦЕНТКОМ се наведува дека од Сирија во Ирак се префрлени 5.700 припадници на ИД.
- Мисијата на трансфер во траење од 23 дена почна на 21 јануари и резултираше со успешно преместување на повеќе од 5.700 возрасни борци на ИД од притворските центри во Сирија во ирачки притвор – се наведува во соопштението од ЦЕНТКОМ.
Преместувањето на затворениците почна набрзо по офанзивата на сириската армија во североистоичниот дел на земјата против курдските Сириски демократски сили (СДФ). САД на 29 јануари посредуваше за постигнување на договор за прекин на огнот помеѓу сириската армија и СДФ.
Командантот на ЦЕНТКОМ, генерал Кевин Ламберт наведе дека трансферот на милитантите ќе помогне да се спречи повторното појавување на ИД во Сирија. ми/рп/
Фото: ДПА