• вторник, 31 март 2026

Фукс: Врховниот суд на Израел би можел да го поништи новиот закон за смртна казна

Фукс: Врховниот суд на Израел би можел да го поништи новиот закон за смртна казна

Тел Авив, 31 март 2026 (МИА) – Амир Фукс од Израелскиот институт за демократија денеска изјави дека Врховниот суд на Израел може да го поништи контроверзниот нов закон, со кој смртната казна би станала стандардна казна за Палестинците осудени за смртоносни терористички напади.

Според Законот, што вчера беше изгласан од израелскиот парламент со тесно мнозинство, Палестинците осудени за убиство мотивирано од тероризам од страна на воените судови на окупираните територии сега би се соочиле со смртна казна, која судиите се должни да ја изречат.

Фукс истакна дека задолжителната природа на законот е големо правно прашање.

- Не постои такво нешто во ниту еден демократски правен систем: смртна казна што е задолжителна. Судовите или обвинителите секогаш мора да имаат одредена дискреција при одредувањето на казната. Дури и во демократските земји, каде има смртната казна, како што се САД, таа никогаш не е задолжителна, истакна Фукс, при тоа додавајќи оти смртната казна во Израел за нацистичките криминалци, погубувањето беше максимална казна, но никогаш не беше задолжителна.

Според него, законот е насочен само кон терористите кои напаѓаат Евреи, одредба, која веројатно нема да помине низ судска контрола врз основа на дискриминација.

По усвојувањето на законот, Здружението за граѓански права во Израел поднесе тужба со која го оспорува законот до највисокиот суд на земјата.

Пратениците од опозицијата ја обвинија десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека свесно му штети на меѓународниот углед на Израел со законодавството.ми/сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан