Форум на спортисти посветен на „двојна кариера“ и успешна транзиција од спортските терени во деловен свет
- Во организација на Македонскиот олимписки комитет се одржа Форумот на спортисти „Победници денес, лидери утре“, посветен на предизвиците по завршувањето на професионалната спортска кариера.
Скопје, 19 декември 2025 (МИА) - Во организација на Македонскиот олимписки комитет се одржа Форумот на спортисти „Победници денес, лидери утре“, посветен на предизвиците по завршувањето на професионалната спортска кариера.
Како што соопштуваат од МОК, настанот вчера го отвориле генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев и раководителот на секторот за спорт, Петар Спасеновски, кои нагласиле дека грижата за спортистите продолжува и надвор од терените.
Централна точка била панел-дискусијата „Живот надвор од терените: Патот на двојната кариера“, на која олимпијци и шампиони споделиле искуства за преминот од спортот кон деловниот свет. Тие истакнале дека дисциплината и лидерството стекнати во спортот се клучни за успех во секоја професија.
Доц. д-р Ели Ханџиска одржала предавање за заштита на интегритетот на спортистите, со акцент на последиците од допингот и важноста на едукацијата за „чист спорт“, а форумот завршил со интерактивна дискусија за олеснување на образовниот процес за активните спортисти. ар/аа/
Фото:МОК