Филипче: Болеста во нашето општество се вика криминал и корупција
- Болеста во нашето општество се вика криминал и корупција, а историјата на болеста датира од времето на Груевски, па до денес, посочува претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто за неделникот „Фокус“. Филипче укажува дека политиките на премиерот Мицкоски и неговата „тендер-коалиција“ се опасни за општеството, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интегрално.
Скопје, 13 март 2026
Болеста во нашето општество се вика криминал и корупција, а историјата на болеста датира од времето на Груевски, па до денес, посочува претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто за неделникот „Фокус“. Филипче укажува дека политиките на премиерот Мицкоски и неговата „тендер-коалиција“ се опасни за општеството, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интегрално.
„Би можел да направам анамнеза на состојбата на оваа криминална и корумпирана тендер-коалиција и можеби токму на Христијан Мицкоски, кој ја води оваа организација, да не кажам влада, затоа што тоа не изгледа како водење држава, освен ако таа држава не е Венецуела. Тука би можел подетаљно да ги објаснам тегобите и историјата на болеста уште од времето на Груевски па наваму. Таа болест во нашето општество се вика криминал и корупција“, вели Филипче.
Тој додава дека корупцијата и криминалот се „малигно ткиво“, кое мора да се искорени за да не го уништи и здравиот дел од општеството.
„Бидејќи сум доктор по професија, неврохирург, можам само да ви кажам дека кога некое ткиво ќе стане малигно и кога ќе се покаже дека нема решение, освен хирургија, тогаш се пристапува кон отстранување на тоа ткиво за да не го зафати и другото здраво ткиво. Така е и со нив. Тоа малигно ткиво не смее да остане да го води ова општество затоа што целосно ќе го зафати и здравото ткиво на општеството“, вели Филипче.
Во интервјуто Филипче нагласува дека начинот на комуникација на Мицкоски е неприфатлив и опасен за угледот на државата.
„Граѓаните што не мислат како него ги вика „талог на општеството“, „медиокритети“ - сè може да се чуе од него. Тоа е некултурен, невоспитан и примитивен начин на обраќање кон граѓаните. Тој начин на комуникација сигурно не му прилега никому, а особено не на претседател на влада на една држава. Замислете како изгледа кога тоа ќе го прочитаат луѓе од Европа. Можете да замислите што мислат за нас? Тој ја претставува нашата земја, нашите граѓани“, вели Филипче.
Фото СДСМ