• понеделник, 20 април 2026

УЈП: Истече рокот за даноците за 2025 - платете веднаш и избегнете повисок долг и блокади

УЈП: Истече рокот за даноците за 2025 - платете веднаш и избегнете повисок долг и блокади

Скопје, 20 април 2026 (МИА) - Управата за јавни приходи потсетува дека на 16 април истекоа законските рокови за плаќање на разликите по годишните даночни биланси за 2025 година и ги повикува обврзниците кои сè уште не извршиле уплата тоа да го сторат без одлагање.

Од вкупно 19.550 поднесени биланси за данок на добивка, данок на вкупен приход и данок на личен доход кај вршителите на дејност во кои е искажана обврска за плаќање, кај 10.252 е евидентирана уплата, што, според Управата за јавни приходи, укажува на солидно ниво на даночна дисциплина.

- Навременото плаќање на даноците е клучно за стабилни јавни финансии и непречено функционирање на јавните услуги, а ненавременото плаќање значи зголемување на долгот поради камата и ризик од присилна наплата, блокирање банкарски сметки и други мерки - велат од УЈП.

Како што информираат, веќе испраќаат персонализирани известувања до компаниите и вршителите на дејност со заостанати долгови.

- Апелираме за итно плаќање на долговите со цел да се избегнат дополнителни трошоци. Во спротивно, ќе следува присилна наплата со дополнителни давачки како еднократна такса и банкарски трошоци, кои го зголемуваат вкупниот долг и ќе влијаат врз тековното работење. УЈП потсетува дека обврските може да се намират и преку уплата од трето лице, како и преку пребивање со даночно побарување на обврзникот, а на располагање е и можност за плаќање на рати во согласност со законските услови - се вели во соопштението. лв/дма/

Фото: МИА архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан