• сабота, 21 февруари 2026

Стручна расправа за предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Стручна расправа за предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите денеска организираа научно-стручна расправа по предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Од 2 јануари предлог-законот беше објавен на ЕНЕР (https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=114839).

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, како член на работната група за изработка на законот рече дека при изготвување на предлог-текстот биле земени предвид препораките за законски измени дадени од страна на оценската мисија на ЕУ од TAIEX, како и анализата спроведена во 2025 година во рамките на проектот EU Support за владеење на правото во однос на органите и телата на Академијата, како и одлуките на Уставниот суд во однос на укинувањето на одредбите што се однесуваат на надоместоците на членови на Програмскиот совет, на ментори и на предавачи.

- Со предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители се воведува годишен прием на кандидатите за судии и јавни обвинители со точно утврдување бројки од страна на Советот на јавните обвинители и Судскиот совет, се утврдуваат мерит-критериуми, односно поголема објективност при прием на кандидати за Академијата за судии и јавни обвинители, со тоа што огласите би се објавувале во секое апелациско подрачје посебно и за судија, посебно и за јавен обвинител, со точно определување нивни бројки. Се врши распределба и за подобро формулирање на надлежностите за програмата на Програмскиот совет, Управниот одбор и на директорот на Академијата. Се врши подобрување на континуираната обука со предлог-законот и се утврдуваат и критериумите за менторите и за предавачите што ќе учествуваат во рамките на Академијата - рече Трајкоска-Стрезоски.

Таа нагласи дека со предлог-законот се утврдуваат мерит-критериуми, односно се врши промена на приемниот испит. - Се укинуваат психолошкиот и тестот за интегритет затоа што немаме акредитирана институција во државата која би ги вршела тие тестирања, а се воведува приемен испит како во првите три генерации - рече директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.

Се предвидува да има квалификациски испит - писмен дел со пишување пресуда и на обвинение, како и устен дел. Нејзините очекувања се дека критериумите ќе бидат јавно објавени истовремено со објавувањето на јавниот оглас. 

- Ние не можеме да избегнеме да бидат запишани кандидати кои се ќерки, синови на судии и обвинители доколку тие си постигнат добри резултати на тој тест. Еве и јас сум дете на поранешен судија и обвинител, така што сум завршила прва генерација на Академијата и не може некој да ме спречи да одам и да се запишам ако сум постигнала добри резултати - вели директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски. 

Испитот ќе се полага пред комисија, која е составена од судии и обвинители номинирани од Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и од Министерството за правда.  

- Нема најдобро решение, перфектен закон. Ние се трудиме да ги имплементираме сите оние препораки и сепак голем дел од работната група беа судии и обвинители што имаат завршено академија. Видовме каде се овие пропусти, недостатоци, се потрудивме навистина да ги остраниме и особено го имавме предвид францускиот модел на кој е основана и нашата Академија - рече таа.

За тоа дали идните обвинители и судии на Академијата ќе бидат едуцирани како да се спротистават на притисоци и обиди за корупција, Трајкоска-Стрезоски вели дека во почетната обука има часови за интегритет и етика, како и во рамките на континуираната обука, но, според неа, секој си го создава интегритетот најпрвин во семејството и продолжува и да си го гради. 

- Ние колку и да имаме часови и да се обидуваме некого да го едуцираме, сепак тоа зависи од него како ќе се справи со притисоците, сепак часовите се наменети за тоа, но јас не можам да гарантирам дека судиите и обвинителите би останале имуни на тие притисоци или корупција - вели Трајкоска-Стрезоски.  

Академикот Владо Камбовски смета дека се работи за специјалистичко образование на правници, кои утре треба да преземат една од најдоговорните должности во државата. Тоа е примената на правото и делењето правда.

- Според тоа, тоа не се некои курсеви, кои се незадолжителни и слично, туку влегува во еден тип на специјалистичко образование, како што имаме специјалистичко и супспецијалистичко образование во медицината, па така и овде. Со овој закон треба да се направи чекор напред не само во објективизирањето на критериумите за прием на најквалитетни, најспособни, кои може да понесат таков товар, туку и да се подигне значително и квалитетот на самата едукација, така што тие утре може да влезат подготвени во борба со многу предизвици со кои денеска правото се соочува - криза на владеењето на правото, корупција итн. - вели академик Камбовски.

Според него, предложеното законско решение создава рамка, но зависи од луѓето што ќе треба да бидат во Програмскиот совет, во Управниот одбор, во другите тела на Академијата, да ја изведат таа сложена операција и на крајот да произведат такви кадри што може да се соочат и со корупција. - Бидејќи, ако тој добро е поткован и ако е сигурен во своите знаења и во себе, нема да се плаши од притисоци, нема да подлегне на корупција - вели академикот.  

Од денешната научно-стручна расправа ќе произлезат заклучоци што ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на предлог-законот. На 9 февруари работната група ќе ги разгледува сите забелешки што ќе бидат оставени на ЕНЕР за овој закон.  

На расправата учествуваа истакнати претставници на академската заедница, правосудните институции и стручната јавност.

Министерството за правда на 2 јануари годинава соопшти дека предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители e објавен на ЕНЕР и оти е изготвен од работната група при Министерството за правда и дека се адресираат препораките од оценската мисија, анализата на EU Support for Rule of Law и експертските насоки од работилницата за Поглавјето 23 со УНОПС.

Клучни новини и подобрувања во законот се прецизно утврдување на бројот на потребни судии и јавни обвинители и појасни правила за објавување на огласите, поедноставена и временски јасно дефинирана приемна постапка за почетна обука, подобрена методологија на почетната обука и поефикасна работа на телата на Академијата, номотехнички корекции и прецизирање на бодирањето на практичниот дел од приемниот испит и усогласување со одлуките на Уставниот суд и отстранување на забележаните слабости во постојниот закон. ев/са/

ФОТО: МИА 

Остани поврзан