Турскиот министер за надворешни работи Фидан во посета на Алжир за стратешки разговори
- Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска и утре е во официјална посета на Алжир за стратешки разговори, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи.

Анкара, 20 април 2025 (МИА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денеска и утре е во официјална посета на Алжир за стратешки разговори, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи.
Тој ќе копретседава со третиот состанок на Заедничката група за планирање Турција-Алжир заедно со неговиот алжирски колега Ахмед Атаф.
Посетата се очекува да ги нагласи продлабочените врски на Анкара со Алжир, еден од нејзините најзначајни трговски и енергетски партнери во Африка.
Фидан ќе биде примен од алжирскиот претседател Абделмаџид Тебуне и официјално ќе го инаугурира новиот конзулат на Турција во градот Оран.
Турскиот министер за надворешни работи ќе разговара за подготовките за состанокот на Советот за стратешка соработка на високо ниво, кој ќе се одржи за време на планираната посета на Тебуне на Турција.
Се очекува Фидан да разговара и за преговарачките процеси за договори во насока на зајакнување на правната рамка меѓу двете земји, како и да ја нагласи потребата од ефикасно искористување на можностите во економската соработка за да се постигне трговски обем од 10 милијарди долари меѓу Турција и Алжир.
Тој ќе се осврне и на енергетската соработка, ќе разговара и за потенцијални проекти и партнерства во одбранбената индустрија и ќе размени мислења и за регионални и глобални прашања, особено за Сахел, Либија, Сирија и Газа. рп/
Фото: МИА архива