Тивко иселување на Македонците од село Требиште, Голо Брдо, од 700, сега едвај 130 семејства
- Жителите Македонци, кои сè уште живеат таму, велат дека причините за иселувањето се многубројни и долготрајни. Меѓу главните проблеми ги наведуваат лошата патна инфраструктура, нестабилното снабдување со електрична енергија, ограничените здравствени услуги и немањето никакви можности за вработување, објави весникот „Илинден“
Дебар, 16 февруари 2026 (МИА) - Поранешната општина Требиште, област Голо Брдо, а сега административна единица, која територијално припаѓа кон општина Булќиза, пополека се празни исто како и другиот дел од оваа област.
Некогаш со речиси 700 семејства, по масовното иселување по падот на тоталитарниот режим, кое почнало по 90-тите години од минатиот век, сега има едвај 130 семејства.
- Жителите Македонци, кои сè уште живеат таму, велат дека причините за иселувањето се многубројни и долготрајни. Меѓу главните проблеми ги наведуваат лошата патна инфраструктура, нестабилното снабдување со електрична енергија, ограничените здравствени услуги и немањето никакви можности за вработување - објави весникот „Илинден“.

Според нив, за време на изборните кампањи редовно се даваат ветувања за подобрување на условите за живеење, но по изборите, тие ветувања не се исполнуваат.
Поради оддалеченоста и слабата поврзаност со градот Булќиза, жителите на Требиште често се принудени за основни услуги да патуваат до Дебар, што дополнително го отежнува секојдневниот живот и ја намалува можноста за останување на младите семејства во регионот.
Иселувањето ги празни и другите две административни единици - Острени и Стеблево. Ако до пред две и пол децении во целата област живееле над 35 илјади, сега таа бројка е приближно 10 илјади.
Областа, која се протега по должината на албанско-македонската граница, кај Дебар опфаќа 22 населени места, при што во 18 од нив живеат Македонци, а другите се со мешан состав на населението. вт/
Фото: МИА архива