• вторник, 21 април 2026

Тешко повреден Моранте дела Пуебла за време на борбата со бикови во Севилја

Тешко повреден Моранте дела Пуебла за време на борбата со бикови во Севилја

Мадрид, 21 април 2026 (МИА) - Познатиот шпански тореадор Моранте дела Пуебла е тешко повреден кога бил прободен од бик за време на корида во Севилја, која се одржува во рамките на традиционалниот фестивал „Ферија де абрил“ - информираа денеска шпанските медиуми.

Несреќата се случила во текот на настапот кога тореадорот, според извештаите, ја изгубил рамнотежата, по што бил нападнат од бикот, кој го пробол во пределот над задната ложа. Според наведените информации, животот на повредениот не е во опасност, но е итно пренесен во болница од страна на медицинските екипи присутни на настанот. Медицинските служби соопштија дека познатиот тореадор добил рана од десетина сантиметри, при што е зафатен и ректалниот ѕид, што укажува на сериозна повреда.

Шпанските медиуми, според податоците од организаторите и здравствените служби, наведуваат дека во последните осум години се регистрирани повеќе од 1.200 повредени тореадори, од вкупно 13.500 утврдени случаи поврзани со коридата, што претставува приближно девет отсто повреденост. Најчестите повреди, според докторите, се во пределот на бутовите и ципите.

Исто така, се проценува дека речиси 35.000 бика годишно го губат животот на шпанските арени имајќи предвид дека традиционалната корида речиси без исклучок завршува со смрт на животното. Во последните децении се забележува значителен пад на интересот за борбите со бикови. Посетеноста е намалена за речиси 75 отсто во последните 25 години, а само два отсто од Шпанците редовно присуствуваат на овие настани. Истовремено, истражувањата покажуваат дека речиси 77 отсто од населението е против ваквата традиција. мв/јт/

Фото: Јутјуб - принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан