• сабота, 19 септември 2026

Танкер бил погоден од проектил крај Саудиска Арабија

Танкер бил погоден од проектил крај Саудиска Арабија

Јанбу, 24 август 2026 (МИА) – Танкер бил погоден од проектил од неутврден вид на 63 наутички милји (речиси 117 километри) западно од саудиското пристаниште Јанбу, што предизвикало пожар на главната палуба на пловилото, информира Организацијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКМТО).

Целиот екипаж е на безбедно и нема податоци за влијание врз животната средина, соопшти УКМТО. Организацијата не посочи можен извршител на нападот.

Засега нема коментар од страна на саудиските власти.

Јанбу е главното саудиско пристаниште на Црвеното Море за извоз на нафта, од каде што дневно се товарат милиони барели. Тоа се претвори во клучна рута за извоз на саудиска нафта со која се заобиколува Ормуската Теснина, која е блокирана од Иран.

Пловидбата од Јанбу е исто така отежната откако јеменските бунтовници Хути минатиот месец објавија блокада на пловила поврзани со Саудиска Арабија во Црвеното Море.

Во последните недели Хутите извршија напади врз саудиски нафтени капацитети и бродови во Црвеното Море, при што во јули изјавија дека нападнале објекти на саудискиот нафтен гигант „Сауди Арамко“ во Јанбу. јт/