• петок, 15 мај 2026

Странската комисија утврди девет сомнителни случаи на кардиохируршки интервенции, наодите ќе се испратат до Владата и до ЈО (ДПЛ)

Странската комисија утврди девет сомнителни случаи на кардиохируршки интервенции, наодите ќе се испратат до Владата и до ЈО (ДПЛ)

Скопје, 14 мај 2026 (МИА) - Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција, странската комисија кај девет случаи утврдила сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација, и тоа, на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да се ендоваскуларните или хируршките - соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, кој информира за резулатите на странската комисија за проверка на сомнителните случаи, обелоденети од интервентниот кардиолог Сашко Кедев. 

- Во однос на овие случаи, комсијата оценува, цитирам: „дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“. Пациентите се на возраст од 45 до 78 години, кои беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во јавните и во приватните здравствени установи. Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата - ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничката болница - Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардио арт“ - Штип, Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“ - рече Алиу. 

Тој истакна дека овие наоди се сериозни и не смее да се релативизираат. Но, исто така, тие, вели, не смее да се користат за генерализирање и нарушување на угледот на целата лекарска професија и за стигматизација на установите. Забележа дека голем број лекари во нашата држава работат стручно и чесно.

Меѓународната комсија од експерти беше составена во февруари и во неа предметите, односно случаите, ги разгледуваа тројца лекари специјалисти - доктор Уголини Ливи, кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија, и доктор Черчер Миха, интервентен кардиолог од Словенија. 

- Целта беше да се обезбеди независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија во нашата држава, како и да помогнеме во препознавање на можните системски празнини во системот. Одговорност, транспарентност и заштита на пациентите беа водечки принципи од целиот овој процес - рече Алиу. 

Меѓународната комисија минатата недела ги има доставено наодите од стручниот увид и, како што вели министерот Алиу, тие наоди во значен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија, составена од девет члена.

- Она што е особено важно е дека двете комисии работеа независно една од друга - нагласи Алиу. 

Извештаите од интерната и од странската комисија ќе бидат доставени до Владата, ќе има затворена седница, на која ќе бидат анализирани, потоа до Јавното обвинителство, Лекарската комора, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државната комисија за спречување корупција и до сите надлежни институции во земјата.

Алиу рече дека интерната комисија, составена од девет врвни домашни медицински експерти (доктори) во областа, како и правници и економисти, односно претставници на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, разгледа 20 случаи, од кои кај 13 беа утврдени сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатени за операција.

Потсети дека и Лекарската комора спроведе вонреден стручен надзор над лекувањата на пациентите кај кои се извршени кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции. Од нивна страна, до Министерството за здравство се доставени извештаи за 27 случаи, од кои кај одреден дел е оправдана индикациијата за интервенција, а другите, вели, ќе бидат предмет на дополнителна анализа. Според него, наодите на двете комисии се показател дека системот мора да се зајакне.

- Нашата цел е овој процес да заврши со нови системски правила, нови механизми на контрола и поголема сигурност за пациентите. Во таа насока, почнуваме процес на ревидирање на протоколите за постапување при кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Ова е суштински важно за натамошно унапредување на здравствената заштита на граѓаните, особено во делот на јасни медицински индикации, стручна процена и следење на патеката на пациентот. Дополнително, формираме национален харт-тим, составен од девет кардиолози и кардиохирурзи од јавните и приватните здравствени установи, кој ќе разгледува сложени и гранични случаи, односно кога е потребна дополнителна стручна процена, и ќе се пристапи кон формирање национална листа за кардиохируршки операции - додаде Алиу.

Директорката на Националниот центар за кардиоваскуларни заболувања, Верица Стојковиќ, на прес-конференцијата рече дека членовите на харт-тимот ќе имаат контролна улога и целта е да има повисока безбедност за пациенти и ќе бидат контролен механизам. 

- Тимот ќе има задача да мониторира дали се обезбедени оптималните услови за избор на терапиите во установите, дали има подобра безбедност и повисок квалитет на грижа за пациентите, особено на оние што се со посложени кардиоваскуларни заболувања. Тимот ќе може да изврши увид во однос на тоа дали е извршен избор на најсоодветните третмани, дали пациентот го добил најсоодветниот третман. Целта е намалување на ризикот од компликациите и да се носат колективни одлуки како би се избегнале непотребни процедури и да се намали смртноста кај пациентите - рече Стојковиќ. 

Проф. д-р Александар Станков, кој е претставник и координатор на интерната комисија, рече дека Обвинителството, за да може да спроведе постапка, мора да направи вештачење. Овој извештај, посочи, е материјален доказ, кој би се употребил во понатамошно вештачење доколку Обвинителството смета дека треба вештачење.

- Вештачењето е неопходно во секоја постапка доколку Обвинителството смета дека треба. ​Ако Обвинителството смета дека треба да поведе постапка, дава наредба за вештачење, се составува тим за вештачење и врз основа на извештаите, медицинската документација, што сè претставува како материјален доказ, се изготвува вештачење. Документите што излегуваат од Министерството за здравство, или од Лекарската комора, или од ДСЗИ, кои се еден вид стручен надзор, немаат тежина на вештачење. Тоа е само материјален доказ - рече Станков одговарајќи на новинарско прашање. 

Додаде дека вештачењето понатаму му помага на Обвинителството да го потврди обвинителниот акт и да почне судењето или, пак, да го отфрли.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Алиу рече дека деветте пациенти се живи и ако ги побараат извештаите, ќе ги достават до нив. 

На прашање дали јавно ќе биде објавен извештајот за случаите, појасни дека според Законот за заштита на правата на пациентите извештајот од комисијата не смее да биде јавно истакнат и поради тоа што ќе биде во процедура за натамошен правен тек во институциите. рп/вдј/

Фото: МИА

Остани поврзан