• четврток, 16 април 2026

Средба Гаши - Монтела: ПС на ОБСЕ - еден од клучните столбови за јакнење на парламентарната демократија, дијалогот и соработката

Средба Гаши - Монтела: ПС на ОБСЕ - еден од клучните столбови за јакнење на парламентарната демократија, дијалогот и соработката

Скопје, 27 март 2026 (МИА) - Во рамките на петтиот Интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа во ПС на ОБСЕ претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со генералниот секретар на ПС на ОБСЕ, Роберто Монтела, информира собраниската прес-служба.

На средбата Гаши истакнал дека за Собранието е чест што ја ужива довербата од ПС на ОБСЕ, потврдена преку организирањето на овој парламентарен форум, кој претставува извонредна можност за продлабочување на регионалниот дијалог, како и за подобро разбирање на заедничките предизвици.

- Како земја домаќин на првата теренска мисија на ОБСЕ, која сè уште е активна, можеме од прва рака да посведочиме за позитивното искуство и придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Мисијата на ОБСЕ во Скопје одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси во земјата во многубројни области. Покрај учеството на сесиите на ПС на ОБСЕ, нашата делегација редовно учествува и во мисиите за набљудување на изборите. Во 2016 година бевме домаќини на есенската сесија на ПС на ОБСЕ, а во 2023 година ја организиравме седницата на Бирото на ПС на ОБСЕ, во рамките на министерскиот совет на ОБСЕ, што се одржа во Скопје - се вели во соопштението. 

Генералниот секретар Монтела се заблагодарил за организацијата и гостопримството и нагласил дека мултилатералните форуми за дијалог се еден од начините за поврзување, дијалогот е поттик за унапредување на инфранструктурно, регионално и безбедносно поврзување.

Истакнал дека државите во Европа се потребни едни на други, без разлика дали се говори за напредок на патот кон ЕУ или за усвојување решенија за напредок на студентите, културата, економијата. Тој искажал задоволство што Северна Македонија во минатото барала поддршка во сферата на безбедност, а денес, како што рекол, активно придонесува во сферата на безбедност не само регионална туку и пошироко.

Соговорниците искажале надеж дека отворениот дијалог и плодната соработка со ОБСЕ и со сите нејзини институции и структури ќе продолжат, а пред сѐ со Парламентарното собрание на ОБСЕ како еден од клучните столбови за јакнење на парламентарната демократија, дијалогот и соработката меѓу државите. сст/са/

Форо Собрание на РСМ

Остани поврзан