• петок, 15 мај 2026

Со 12 милиони евра обновен оперативниот блок во ГОБ „8 Септември“, опремен според најсовремените медицински стандарди и препораки на СЗО (ДПЛ)

Со 12 милиони евра обновен оперативниот блок во ГОБ „8 Септември“, опремен според најсовремените медицински стандарди и препораки на СЗО (ДПЛ)

Скопје, 13 мај 2026 (МИА) - Градската општа болница „8 Септември“ доби целосно реновиран оперативен блок со инвестиција од 12 милиони евра преку ТАВ-програмата. Вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 м2. Со реконструкцијата се опфатени седум специјализирани операциони сали (634 м2), одделите за интензивна нега (460 м2), административни кацеларии (620 м2), покривната конструкција (1.820 м2), оддел за патологија и клинички лаборатории, како и придружните простории (800 м2). 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека станува збор за значаен проект за македонското здравство бидејќи добиваме најмодерен регионален објект и оти, како што вели, вакви услови северно до Виена нема.

- Пред да се случи реконструкцијата во операционите сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, покривот течеше. Она што сега не можете да го видите, а исто беше опфатено со реконструкцијата, е целосната обнова на покривната конструкција, каде што се сместени клима-коморите, кои обезбедуваат третитран воздух со сите параметри - влажност, чистота, итн., но исто така и делот во кој се чилерите и другата електромеханичка опрема во подножјето на објектот. Кога сето тоа ќе се заокружи, ќе ја добиеме целината, која е нешто модерно и современо, што не постои во регионот и за кое како граѓани треба да се гордееме - рече Мицкоски.

Тој додаде дека продолжуваат понатаму и во периодот што следува ќе бидат презентирани и други проекти, кои се во фаза на реализација или веќе ќе бидат привршени.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојаноски, посочи дека по неколку децени, болницата има комплетно реновиран оперативен блок како капитален проект што ќе остане за идните генераци. Најави дека реновираниот дел ќе се користи откога ќе се спроведат активности за дезинфекција на објектите и обука на вработените и ќе се добие употребна дозвола од надлежните институции.  

- Работено е по највисоки стандарди и запазени се сите принципи на она што подразбира модерен оперативен блок со услови за модерна здравствена услуга од овој тип на нашите корисници на здравствени услуги. Првите интервенции што ќе ги направиме ќе бидат презентирани во јавноста и од тој момент овој дел од оперативниот блок ќе биде ставен комплетно во функција. Во меѓувреме, ние функционираме, имаме дополнителни оперативни сали во кои за време на целата изведба на овој проект се изведуваа оперативните интервенции исто како и претходно, без застој - рече д-р Стојаноски.

Оперативниот блок, појасни, ќе овозможи можеби и преполовување на листите за чекање доколку имаме доволен број персонал поради што мораме кадровски да се екипираме. 

- Во здравството недостига персонал, не недостигаат услови. Условите што ги гледате денеска само ќе бидат додадена вредност. Мораме кадровски да се екипираме - истакна д-р Стојаноски и додаде дека треба да се направи регионализација на услугите со ротација на персоналот и екипирање на центрите надвор од Скопје.

Вицепремиерот и министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека се завршува огромен проект од значење не само за Скопје туку и за целата држава и дека граѓаните добиваат најмодерна болница во државата.

- Се работи за врвна здравствена институција, во која, по оваа реконструкција, ќе може да се добијат најдобрите здравствени услуги - рече Николоски, кој сподели дека идејата за пренамена на средствата од ТАВ-програмата за оваа болница била на премиерот Мицкоски.  

Денес, посочи Николоски, го имаме проектот завршен под негово водство, во соработка со директорот на болницата, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, ТАВ и ние како Министерство за транспорт помогнавме онаму каде што беше потребно.

- Се надевам дека од тука ќе излегуваат добри приказни, успешни оперативни зафати, излекувани пациенти и луѓето ќе си замниуваат со насмевки од тука, а ние ќе продолжиме да работиме - истакна вицепремиерот.

И министерот за здравство Азир Алиу потенцира дека ГОБ „8 Септември“ добива инфраструктура по светски стандарди. 

- Ова не е само реконструкција на ѕидови, туку на начинот како ги креираме и планираме политиките во здравството. Политиките во здравството се планираат веќе и не се ад хок политики, кои само превенираат. Тоа е веќе начин што ни дава резултати. Од стратегиите што ги имавме на хартија веќе почнуваме реално да ги гледаме проектите реализирани во здравствениот систем. Еден од столбовите во здравствениот систем е инфраструктурата и таа денес гледаме дека е според стандарди. Веќе здравството нема да функционира по навика, туку по стандарди и еден од начините и приоритетите за да имаме стандарди е инфраструктурата, но тука не застануваме, ќе продолжиме да креираме стандарди и во секојдневната работа на секој доктор и секоја медицинска сестра - рече Алиу. 

Според генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, сите операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се во согласност со најновите медицински стандарди и препораките на Светската здравствена организација.

- Веруваме дека секој пациент заслужува достоинствени услови за лекување, а секој здравствен работник заслужува современи услови за работа. Со оваа поддршка сакаме да придонесеме токму за тоа - подобра грижа, поголема ефикасност и повисок квалитет на здравствените услуги - рече Курт.

Додаде дека како „ТАВ аеродроми“, дел од француската групација АДП, веруваат дека нивната одговорност се протега и надвор од инвестициите во развојот на аеродромите и дека се посветени активно да придонесуваат кон заедниците во кои живеат и работат. рп/лд/

Фото: МИА

Остани поврзан