Сириската Влада и фракцијата Друзи разменија затвореници во градот Свеида
- Сириската влада и фракцијата Друзи кои ја контролираат јужна Сирија денеска ја спроведоа првата размена на затвореници по смртоносните судири минатото лето во јужниот град Свеида, соопшти денеска канцеларијата за медиуми на сириската влада во тој регион.
Дамаск, 26 февруари 2026 (МИА) - Сириската влада и фракцијата Друзи кои ја контролираат јужна Сирија денеска ја спроведоа првата размена на затвореници по смртоносните судири минатото лето во јужниот град Свеида, соопшти денеска канцеларијата за медиуми на сириската влада во тој регион.
Според соопштението, Дамаск ослободил 61 затвореник од Друзите кои биле затворени во Централниот затвор Адра, во близина на главниот град, во замена за 25 сириски владини претставници. Размената се одржала под надзор на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
„Сакаме да им се заблагодариме на сите страни кои одиграа улога во повторното обединување на семејствата кои со месеци ги чекаа своите роднини во страв“, рече шефот на делегацијата на Црвениот крст во Сирија, Стефан Сакалијан.
Според него, Црвениот крст се надева дека оваа размена ќе го отвори патот за можни натамошни ослободувања и дијалог меѓу сите страни за други хуманитарни прашања. Судирите меѓу Друзите и сунитските бедуински племиња во Свеида избувнаа минатиот јули и се интензивираа кога владините сили, предводени од исламисти, беа упатени за да го прекинат насилството.
Судирите, исто така, предизвикаа напади од страна на Израел, кој ги поддржува Друзите, против Владата на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара. Подоцна истиот месец, е потпишано примирје за да се стави крај на борбите во кои загинаа стотици луѓе. рп/сд/
Фото: МИА архива