Сенатот на САД гласаше за делумно финансирање на внатрешната безбедност, со исклучок на ИЦЕ
- По неколку недели застој, Сенатот на САД денеска одобри закон за делумно финансирање на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС).
Вашингтон, 27 март 2026 (МИА) – По неколку недели застој, Сенатот на САД денеска одобри закон за делумно финансирање на Министерството за внатрешна безбедност (ДХС).
Гласањето го враќа финансирањето за повеќето операции на ДХС, но ги исклучува агенцијата за имиграција и царина (ИЦЕ) и одредени активности на граничната патрола.
Мерката сепак мора да помине во Претставничкиот дом за да стапи во сила, потенцијално ставајќи крај на делумното затворање кое трае повеќе од 40 дена, пренесе ДПА.
Буџетскиот застој произлезе од месеци преговори меѓу демократите и републиканците.
Демократите бараа построги правила за операциите на ИЦЕ, особено за време на рациите, додека републиканците се спротивставија на таквите услови.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, рече дека пратениците ќе спроведат што е можно повеќе од буџетот на ДХС и „ќе го финансираат остатокот подоцна“.
Пакетот за финансирање ја опфаќа и Администрацијата за безбедност на транспортот (ТСА), чиј персонал работеше без плата, предизвикувајќи долги редици на аеродромите, откажувања на летови и доцнења низ целата земја.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера нареди вработените во ТСА да бидат платени и покрај буџетскиот застој, обвинувајќи ги демократите за создавање „вистинска национална криза“ на неговата платформа Truth Social.
Демократските лидери, вклучувајќи го лидерот на малцинството Чак Шумер и сенаторката Пати Мареј, го поздравија компромисот за спречување на „бланко чек“ за ИЦЕ и граничната безбедност, додека републиканците го критикуваа договорот за блокирање на сеопфатно решение. јт/сд/
Фото: МИА архива