СДСМ: 12 дена нема одговор како пет тони дрога вредни 40 милиони евра поминале граница
- 12 дена власта молчи. 12 дена нема одговор на едноставно прашање: Како 5 тони дрога, вредни 40-ина милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија?, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува во интегрална форма.
Скопје, 12 февруари 2026
12 дена власта молчи. 12 дена нема одговор на едноставно прашање: Како 5 тони дрога, вредни 40-ина милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија?, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува во интегрална форма.
Кој ќе одговара?
Наместо одговори, власта прави дефокус и шири медиумска магла.
Премиерот Мицкоски исто така не одговара на прашањата, се прави дека ништо не знае. Но лицитира во медиумите: 25 тони, 40 тони, сега најавува 100 тони запленет канабис.
Ако некои фирми работеле нелегално, ако произведувале канабис нелегално, скалидаре нелегално, зошто Владата го дозволила ова нелегално производство и складирање?
Кој ќе одговара затоа што 2 години не биле спроведени контроли?
Неговите кадри во МВР, Здравство, Земјоделство?
Дали државата давала субвенции за овие компании изминатите 2 години? Што ќе се случи ако тие компании побараат отштета? Колку ќе чини оваа медиумска пропаганда, која на крајот ќе ја платат граѓаните?
Во меѓувреме, медиумите во Србија објавуваат нови информации што отвораат сериозни сомнежи. Според овие информации, уапсен функционер на Српската напредна странка (СНС), сестринска партија на ВМРО, поврзан со заплената во Крушевац, бил близок со српскиот министер за одбрана, Гашиќ, и изјавил дека станува збор „за државна работа“.
Доколку ова се потврди, се отвораат нови сомнежи за можна поврзаност и на други функционери блиски до ВМРО.
Прашуваме јавно: Каква е улогата на директорот на СОЗР, Томовски, кој во меѓувреме стана организациски секретар на ВМРО?
Мора да се спроведе итна и независна истрага, со целосна транспарентност, и да се лоцира одговорност за сите вмешани, без разлика на функција или партиска припадност.
СДСМ нема да дозволи овој случај да се забошоти. Сите ќе одговараат.
СДСМ