• петок, 13 март 2026

Сали - Бретел: Интензивирана координација со Европската комисија за спроведување на Реформската агенда

Сали - Бретел: Интензивирана координација со Европската комисија за спроведување на Реформската агенда

Скопје, 12 март 2026 (МИА) - Напредок во реализацијата на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, како и координацијата со Европската комисија во исполнувањето на предвидените реформски чекори се темите за кои денеска разговарале првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали ираководителот на единицата во Генералниот директорат за проширување и Источно соседство (DG ENEST) на Европската комисија Сигрид Бретел.

Како што соопшти Кабинетот на министерот, Сали истакнал дека институциите активно работат на исполнувањето на реформските обврски и дека се очекува позитивен напредок во однос на исполнувањето на чекорите од третото барање за ослободување средства. Тој нагласи дека претстојниот период е од клучно значење, особено во контекст на обврските кои се во т.н. „грејс-период“ до јуни 2026 година.

Од двете страни била поздравена редовната координација со службите на Европската комисија, вклучително и месечните координативни средби и мониторинг-сесии, кои се сметаат за значајни за навремено спроведување на приоритетите и избегнување на евентуално губење средства.

На состанокот се разговарало и за напредокот во изработката на патоказите за владеење на правото, јавната администрација и странските директни инвестиции, како и за Акцискиот план за правата на заедниците. По завршувањето на експертските мислења и јавните консултации, документите ќе бидат финализирани и доставени до Владата за усвојување.

-Дополнително, беа разгледани и тековните активности поврзани со усогласување на националното законодавство со европското право, меѓу кои и законските решенија во областа на правосудството и електронските комуникации, како и подготовките за иницијативата „Roam Like at Home“, се наведува во соопштението на Министерството за европски прашања.

Сали и Бретел ја нагласиле потребата од одржување на интензивна и конструктивна соработка меѓу институциите на Северна Македонија и Европската комисија, со цел обезбедување континуитет во реформскиот процес и понатамошен напредок во европските интеграции. бк/ац/

фото: МЕП

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан