• среда, 18 март 2026

Савески за МИА: Нема да има предмети во фиока и селективна правда, сите решаваат човечки судбини

Савески за МИА: Нема да има предмети во фиока и селективна правда, сите решаваат човечки судбини

Скопје, 18 март 2026 (МИА) - Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспаретност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин. Меѓу другото, и она што често се коментира, е да се обезбедат финансиски средства, иако акцентот се става на платите, тие не се најголемиот проблем, туку тоа се условите за работа. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал - вели Ненад Савески во изјава за МИА, кој денеска Собранието треба да го избере за нов државен јавен обвинител. 

Најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп-систем“. 

- Таа дигитализација можеби би била некоја програма која би била „фиока стоп-систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на Обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали нестостига помошен кадар за јавните обвинители - вели, меѓу другото, Савески. 

Не сака да издвојува ни предмет со кој би ја почнал работата како нов државен јавен обвинител бидејќи за него сите се еднакво важни зашто „се работи за човечки судбини“, но исто така нема да води селективна правда и секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа.  

Во продолжение во целост ви го пренесуваме кусиот разговор со предложениот кандидат за нов државен јавен обвинител, чиј избор се очекува денеска во Собранието: 

Кои би биле првите работи што ќе ги направите по изборот за државен јавен обвинител и си давате ли некаков рок за нив? 

- Јас сум сега некој од надвор. Сум бил некогаш во Обвинителството и сега од надвор треба да дојдам. Прво, треба да ја согледам состојбата внатре, да ги видам условите за работа, да се запознаам со состојбите. Најбитна работа би ми била да воспоставиме некоја дигитализација, со која би можела да се следи работата на обвинителите во предметот... Таа дигитализација можеби би била некоја програма, која би била „фиока стоп-систем“. Значи, она што најчесто се натура како критика на Обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали е тоа недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали нестостига помошен кадар за јавните обвинители. Потоа да се прават планови да се види финансиската конструкција, потребите, да се види новиот закон, ако се донесе, како ќе помогне, да почне да се применува... Иако тоа не се некои радикални измени, меѓутоа да видиме каков ефект ќе имаат овие козметички измени за подобрување на состојбите. Како и да е, не сметам дека со моето доаѓање на чело на Јавното обвинителство ќе почне и со моето заминување ќе заврши работата. Јавните обвинители и сега, додека зборуваме ние, си ја работат својата работа, тоа е нивна законска обврска, тоа е нивна работа. Не мислам дека сега ова мое раководење со институцијата почнува и зависи од мене. Напротив, сметам дека заедно, сите ние обвинителите и сите други државни органи, од кои зависи работата на Јавното обвинителство, ќе изградиме еден јак јавнообвинителски систем, кој ќе може да одговори на задачата, а тоа е откривање и гонење на криминалот, така што ништо не почнува и не завршува со мене. Напротив, тоа е институција што си работи. Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспаретност, дигитализација, услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин. Меѓу другото, и она што често се коментира, е да се обезбедат финансиски средства, иако акцентот се става на платите, тие не се најголемиот проблем, туку тоа се условите за да се работи. Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал.

Со кои предмети првично би се зафатиле со работа? Меѓу актуелните е оној со поранешниот вицепремиер Артан Груби, РЕК „Битола“ или можеби некој постар предмет, како бонусите на СЈО? 

Она што е отворено како предмет мора да дојде и како завршница, дали таа завршница би била со запирање на истражната постапка или со поднесување обвинение пред суд, тоа сè зависи од доказите во предметот. Стари предмети не може да отвораш ако тоа е пресудена работа. Си има законска регулатива за повторување постапки, не зависи тоа од волјата или од очекувањата на некој. Кога има законски услови секако, кога нема законски услови, она што важи за сите, оние популарни случаи во јавноста, важи и за сите други. Во суштина, јас сметам дека колку и да е некој предмет значаен или од интерес на јавноста, не може фокусот да се стави на тие предмети, а да се занемарат другите, кои, ете така да ги наречам, се помалку важни. Секој предмет е важен, во сите предмети се решаваат човечки судбини и судбината на секој од нив е еднакво важна, не може ние да се фокусираме на едни предмети, а да ги запоставиме другите. Токму тоа ми е интенцијата - секој предмет да си добие еднакво значење. 

Значи, не би издвојувале поединечно некој од предметите? 

Па не би издвојувал зашто не сакам да оставам впечаток дека имам тенденција да водам селективна правда. Секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа. ев/паг/

Фото: Архива 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан