Ротари клуб „Кочани - Виница“: Голем чекор кон еднакви можности и инклузија
- Ротари клубот „Кочани–Виница“ денеска реализираше значајна донација од стационарен уред за зголемување и читање – Optelec ClearView и лаптоп ASUS за Здружението на слепи лица од Кочани, со што се отвораат нови можности за лицата со оштетен вид во регионот на Кочани.
Кочани, 5 февруари 2026 (МИА) - Ротари клубот „Кочани–Виница“ денеска реализираше значајна донација од стационарен уред за зголемување и читање – Optelec ClearView и лаптоп ASUS за Здружението на слепи лица од Кочани, со што се отвораат нови можности за лицата со оштетен вид во регионот на Кочани.
-Овој реализиран чекор има исклучително големо значење, бидејќи станува збор за прва ваква современа и специјализирана опрема во овој дел од Македонија, која ќе биде постојано достапна за користење во просториите на здружението, информираат членовите на Ротари клубот „Кочани – Виница“
Здружението на слепи лица од Кочани брои околу 120 членови, кои досега немаа можност на едно место да користат ваква напредна технологија.

Optelec ClearView е професионален уред кој овозможува зголемување и јасно читање на текстови, документи, сметки, книги и други материјали, што значително ја зголемува самостојноста, сигурноста и достоинството на лицата со оштетен вид. Голема благодарност за помошта од LetzCare I Safet Alili, се нагласува во денеска доставеното соопштение до медиумите.
Донираниот лаптоп ASUS ќе биде опремен со специјализирани софтвери за слушање и учење букви и зборови, читање книги, аудио-едукација, користење интернет и секојдневна комуникација, со што се создаваат услови за образование, личен развој и активно вклучување во општеството.

Оваа донација не е само техничка поддршка, туку инвестиција во знаење, независност и човечко достоинство. Таа претставува јасна порака дека лицата со оштетен вид не смеат да бидат оставени на маргините, туку заслужуваат современи услови и еднакви можности, се наведува во соопштението.
Од Ротари клубот „Кочани–Виница“ велат дека ќе продолжат да работи на проекти кои оставаат трајна вредност и носат реални промени во локалната заедница, водени од хуманост, солидарност и одговорност. ис/сст/
фото: Ротари клуб „Кочани - Виница“