• петок, 20 февруари 2026

Родителите навреме да ги вакцинираат децата, апелираат од Здравствениот дом - Куманово

Родителите навреме да ги вакцинираат децата, апелираат од Здравствениот дом - Куманово

Куманово, 16 февруари 2026 (МИА) - Родителите навреме да ги вакцинираат децата, апелираа денеска лекарите од детскиот диспанзер при Здравствениот дом - Куманово. Градот и натаму останува меѓу општините со најнизок опфат на вакцинација во државата. Засега нема пад на имунизирани деца, но далеку е под посакуваниот опфат од 95 проценти.

- За жал, Куманово сè уште стои на истото ниво. Процентот не паѓа, го одржуваме, но минимално успеваме да го зголемиме. Опфатот со МРП-вакцината изнесува речиси 40 отсто, што е далеку под потребните 95 отсто за колективен имунитет. Тимот на вакциналниот пункт континуирано ги повикува родителите, телефонски и со писмени покани - изјави д-р Валентина Богоевска-Димитриевска од диспанзерот во Куманово.

Додека во помалите општини, но и на ниво на целата држава опфатот достигнува и 95 отсто, па и повеќе, во поголемите урбани средини како Куманово бројките се значително пониски. Според началничката на одделението, „социјалните мрежи и дезинформациите имаат сериозно влијание врз одлуките на родителите“.

-  Стручното мислење треба да се почитува. Постојат родители што доаѓаат загрижени, прашуваат, разговараат со нас. Ги охрабруваме да размислат и се радуваме кога повторно ќе ги видиме и ќе одлучат да ги вакцинираат децата - изјави д-р Богоевска-Димитриевска.

Минатогодишната епидемија на пертусис доведе до нагло зголемување на интересот за вакцинација против дифтерија, тетанус и пертусис. Тогаш, како што вели докторката, во пунктот имало редици од родители и деца. За родителите што одбиваат вакцинација или не се достапни вакциналниот пункт доставува списоци до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој постапува понатаму во согласност со законските процедури.

Од 2024 година вакцинацијата против ХПВ е задолжителна и за момчињата во седмо одделение. Според лекарите, одѕивот кај машките ученици е охрабрувачки. Опфатот со ХПВ-вакцината во регионот достигнува околу 50 отсто, што е значително подобро во споредба со МРП.

- Вакцинацијата е заштита не само на поединецот туку и на целото општество. За да бидеме безбедни и да имаме здраво општество, потребно е да го достигнеме потребниот процент - изјави докторката.

Здравствените власти сметаат дека е потребна засилена комуникација преку медиуми, училишта и директна работа со родителите за да се постигне повисок процент на имунизација во Куманово. ам/паг/

Фото: МИА

Тагови

Остани поврзан