• сабота, 21 февруари 2026

Промоција на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ вечерва во „Лабораториум“

Промоција на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ вечерва во „Лабораториум“

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Во „Лабораториум“ вечерва ќе се одржи промоција на стрип-албумот „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа" од авторите Ивица Дукоски и Владимир Благојевиќ, во издание на „Фликер студио“.

Како што соопштуваат организаторите, изданието е директно продолжение на стрип-албумот „ЛОМ: Волшебникот од Големото Ништо“ од 2020 година. 

- „ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е епска фантазија, која го следи волшебникот Лом, кој е исправен пред тежок избор: дали да ја следи Луси низ Портата на Јанус во свет без магија, инаку познат како Тексас, или да остане во Долината на Големото Ништо и да ја прифати улогата на племенски водач. Единствениот начин Луси да се врати дома води право кон Хегем, вештер со толку лоша репутација што дури и гласините одбиваат да му пријдат поблиску - стои во соопштението.

Ивица Дукоски е сценарист на стрип-албумите „Црната аурора“ (2018), „Неонски ноќи“ (2018), „Аника и Тигран“ (2020) и „Светите ловци“ (2021), сите со цртеж од Благојевиќ. Дукоски активно се занимава со критика на филм, музика и стрип во повеќе медиуми, а вклучен е и во организацискиот тим на меѓународниот фестивал за стрип „Стрип трип“.

Владимир Благојевиќ-Владодлак е дипломиран етнолог и едукатор во Музејот на Република Северна Македонија. Активен е во областа на илустрацијата и ракотворбите, со многубројни самостојни и групни изложби. Покрај соработката со Дукоски, автор е на стрип-серијалот „Патот на старите богови“ (2024), а го уредува и списанието „Тешка машинерија".

„ЛОМ: Бунарот на бесконечната јанѕа“ е прво издание на „Фликер студио“ во областа на стрипот. „Фликер студио“ е издавач на арт-книгите „Мезанин" на Иван Ивановски и Flow на Александра Ацеска. ра/лв/

Фото: Фликер студио

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан