• четврток, 25 декември 2025

Презентирана Стратегијата за развој на ЗОО Скопје: Фокус на едукација, заштита и хуман третман на животните

Презентирана Стратегијата за развој на ЗОО Скопје: Фокус на едукација, заштита и хуман третман на животните

Скопје, 22 декември 2025 (МИА) - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која започнува ново поглавје во развојот на оваа институција. Стратегијата поставува јасна и амбициозна визија за трансформација на Зоолошката градина во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. 

- Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните. Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција. Со неа правиме суштински исчекор од поимот на зоолошка градина како место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните, стои во објавата на социјалните мрежи на градоначалникот Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Нашата цел, како што посочува тој, е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде децата ќе заминуваат не само со спомени, туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.

- Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот. Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови. Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не можат сами да опстанат во дивината, истакнува Ѓорѓиевски.

Стратегијата, како што вели градоначалникот, е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство. 

- Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост. Планирана е и целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби, нагласува Ѓорѓиевски.

Според него, со овие чекори Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат. 

- Ова е амбициозна, но неопходна визија и затоа ги повикувам сите - институции, граѓански сектор и бизнис заедница да се вклучат во нејзината реализација, напиша скопскиот градоначалник. дма/паг/

Фото: Град Скопје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан