• среда, 15 април 2026

Прв состанок од проектот „Heart Safe CBA“ со соседна Грција за прекугранично унапредување на здравствени услуги

Прв состанок од проектот „Heart Safe CBA“ со соседна Грција за прекугранично унапредување на здравствени услуги

Дојран, 25 март 2026 (МИА) - Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Општата болница АХЕПА од Солун и Друштвото за итна претхоспитална нега на Грција го одржаа првиот работен состанок во рамки на проектот „Heart Safe CBA“. Главниот фокус на проектот е зајакнување на здравствениот систем и подобрување на подготвеноста на заедниците во прекуграничниот регион меѓу Грција и Македонија за справување со срцеви удари и итни здравствени случаи.

Како што соопштија од Центарот на Југоисточниот регион, на првиот состанок се разговарало за дефинирање на следните чекори и зајакнување на прекуграничната соработка во областа на итната медицинска помош, како и за формирање на распоред по кој ќе се вршат петте видови на обуки, планирани за различни учесници.

- Во првата група на обуки ќе влезат 600 учесници, во втората 500, додека останатите три видови на обуки ќе бидат за професионалци, односно доктори, медицински персонал, активисти на Црвениот крст, за кои е предвидено да добијат и европски признаени сертификати, кои во Македонија ги имаат само неколкумина. Обуките за тренери ќе ги вршат стручни лица од здравствените институции од соседна Грција. Потоа овие подготвени кадри ќе ги спроведат обуките со поголемиот број на учесници каде ќе бидат вклучени и обичните граѓани, велат од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Оттаму информираат дека се предвидува да се реализираат вкупно 60 обуки за укажување на прва помош, како и дека е планирана набавка и поставување на 18 автоматски (мобилни) дефибрилатори на јавни локации, како и во општински објекти и граничните премини во Гевгелија, Дојран и Ново Село. Дополнително, ќе бидат обезбедени 6 полуавтоматски дефибрилатори, 6 ЕКГ апарати и 4 целосно опремени амбулантни возила за потребите на здравствените домови.

- За сите општински згради од десетте општини членки на Југоисточниот регион се предвидени дефибрилатори, како и за противпожарните друштва, граничните премини и објектите на МВР, појаснија од Центарот.

Проектот се реализира во рамките на „Интерегг ИПА Програма за прекугранична соработка“ помеѓу соседна Грција и Македонија за период од 2021-2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички, а ќе биде во времетраење од 24 месеци, со вкупен буџет од 1.217.146 евра. Клучни цели на проектот се унапредување на системот за итна медицинска помош, да се зголеми подготвеноста за реагирање при срцеви итни случаи, а здравствените работници и граѓаните да добијат обуки за основна и напредна животна поддршка (BLS, ILS, ALS), со што ќе се постигне зголемување на свесноста и подготвеноста на населението за справување со здравствени кризи.рш/вј/ 

Фото: Центар за Југоисточен плански регион

Остани поврзан