Почна новогодишното украсување во Струга
- Струга денеска почна новогодишно да се украсува. За новогодишното разубавување на градот издвоени се околу два милиони денари од општинскиот буџет.
Струга, 24 декември 2025 (МИА) - Струга денеска почна новогодишно да се украсува. За новогодишното разубавување на градот издвоени се околу два милиони денари од општинскиот буџет.
Доцното китење на градот, според директорот на јавното претпријатие „Комунално“ Ресул Чолаку, е поради доцнењето на тендерската постапка. Според него, постапката почнала кон крајот на август со донесување одлука од претходниот состав на општинскиот Совет.
- Тендерот требаше да се објави во ноември. Јас дојдов на функција на средината на месецот и прво што побарав беше отпочнување на постапката за новогодишното украсување на градот, но недостасуваше решението од Советот, рече Чолаку.
Забележа дека и пред четири години кога имаше локални избори, Струга била украсена кон крајот на декември, токму поради законските процедури.
И градоначалникот Менди Ќура тврди дека доцнењето со украсувањето на Струга е поради задоцнетиот тендер и краткиот временски период од стапувањето на функцијата.
- Сите градови годинава се накитија со закаснување. И Струга можеби неколку дена покасно, но денеска почнува да се кити. Верувам дека идната година ќе се подготвиме порано и Струга ќе блесне во новогодишно руво порано, изјави Ќура.
Граѓаните револтирани што Струга на една недела пред дочекот на Новата година градот се уште не е украсен онака како што доликува за еден туристички град. сс/дма/
Фото: МИА