Потпишан меморандум за културна соработка меѓу загрепскиот Музеј за ументости и занаети и Националната галерија на Македонија
- Меморандумот е резултат на воспоставеното партнерство и успешна имплементација на заеднички проекти помеѓу загрепскиот Музеј за уметност и занаети и македонскиот КИЦ во Загреб, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.
27 март 2026
Вчера, во македонскиот КИЦ во Загреб беше потпишан меморандум за културна соработка меѓу Музејот за уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопјe. Договорот го потпишаа директорот на Музејот во Загреб, Сањин Михелиќ, и директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, и програмскиот раководител и виш кустос, Маја Крстевска.
Меморандумот е резултат на воспоставеното партнерство и успешна имплементација на заеднички проекти помеѓу загрепскиот Музеј за уметност и занаети и македонскиот КИЦ во Загреб, што дополнително ги зајакнува културните врски меѓу двете земји.
Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, истакна: „Потпишувањето на овој меморандум претставува важен чекор во зајакнувањето на културната соработка меѓу двете земји. Македонскиот КИЦ во Загреб игра значајна улога во поттикнувањето и продлабочувањето на соработката меѓу македонските и хрватските институции во интерес на промоција и афирмација на културните вредности на двете земји“.
Целта на меморандумот е зајакнување на меѓународната соработка меѓу двете институции преку презентација и промоција на уметничкото и културното наследство на Република Хрватска и Република Македонија, како и развој на заеднички и индивидуални програми. Ова дополнително ги зајакнува капацитетите на двете институции со посебен акцент на поврзување на нивните богати фондови, од историски колекции до современа уметност и уметнички занаети.
Директорот на Националната галерија на Република Македонија, Али Синани, во оваа пригода истакна: „Верувам дека потпишувањето на овој меморандум ќе овозможи размена на знаења и искуства и ќе отвори нови можности за вмрежување меѓу македонските и хрватските културни работници и уметници“.
„Особено сме задоволни што оваа година ќе реализираме две изложби во Македонија, со што веднаш ќе ја трансформираме оваа соработка во конкретна и видлива културна програма за публиката во двете земји“, рече директорот на загрепскиот Музеј на уметности и занаети, Сањин Михелиќ.
Воспоставената соработка со загрепскиот Музеј за уметности и занаети ќе се конкретизира преку низа идни проекти, меѓу кои веќе во октомври и ноември оваа година се издвојуваат две значајни изложби: „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“, во галерискиот простор „Мала станица“ на Националната галерија на Република Македонија во Скопје и „Арсовски - фотографи“ во Музејот на град Скопје. Овие изложби на Музејот за уметности и занаети минатата година беа претставени пред хрватската публика во македонскиот КИЦ во Загреб.
„Оваа иницијатива ја потврдува важноста на меѓународното вмрежување на културните институции и придонесува за развој на поквалитетни и поразновидни културни содржини достапни за пошироката публика“, истакна Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител.
МАКЕДОНСКИ КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР ВО ЗАГРЕБ