• четврток, 16 април 2026

Промовирана книгата „Проникнување на тишината“ од Љерка Тот Наумова во КИЦ во Загреб

Промовирана книгата „Проникнување на тишината“ од Љерка Тот Наумова во КИЦ во Загреб

Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчера беше промовирана книгата „Проникнување на тишината“ („Pronicanje tišine“) од Љерка Тот Наумова, авторка која подеднакво создава на два јазика - македонски и хрватски.

Настанот свечено го отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која истакна дека Љерка Тот Наумова со  својата поезија ги поврзува луѓето преку зборот, чувството и мислата. Таа посочи и на значајната улога што ја има КИЦ, како „живо средиште на културен дијалог, соработка и поврзување меѓу македонската и хрватската култура и уметност“.

-Со ваквите настани и проекти продолжуваме активно да ја унапредуваме меѓусебната соработка и да ги промовираме културните вредности на двете земји, истакна Ѓоргоска-Илиевска.

Како што информира денеска КИЦ во Загреб, на промоцијата се обрати и амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој ја истакна улогата и мисијата на македонскиот КИЦ во Загреб како значајна институција за унапредување на културната соработка, продлабочување на односите меѓу двете земји и заемна промоција на културните вредности на Македонија и Хрватска.

-Вечерта помина во извонредна атмосфера, со навистина импозантно присуство – преполна сала и многубројна публика која со голем интерес ја следеше промоцијата. На настанот присуствуваа и претставници на локалната и државната власт, што претставува дополнително признание за значењето на ваквите културни иницијативи. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб продолжува со својата мисија на афирмација на културните вредности и унапредување на културната соработка меѓу двете пријателски земји, се наведува во соопштението. хс/вј/ 

Фото: Културно-информативен центар на Северна Македонија во Загреб 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан