• вторник, 31 март 2026

Подружницата „Брегалница“ спремна за почетокот на наводнителната сезона, исчистени 150 километри земјени и 20 километри бетонски канали

Подружницата „Брегалница“ спремна за почетокот на наводнителната сезона, исчистени 150 километри земјени и 20 километри бетонски канали

Кочани, 31 март 2026 (МИА) - Подружницата „Брегалница“ на АД Водостопанство на РСМ подготвено го дочекува почетокот на наводнителната сезона, изјави за МИА, Горан Зашов, директор на кочанското  Водостоопанско претпријатие кое стопанисува со хидромелиоративнот систем „Брегалница“. 

Исчистени се над 150 километри земјени и 20 километри бетонски канали за наводнување за да може каналската мрежа нормално да функционира.

-До 15 април ние ќе бидеме потполно спремни да ги испорачаме бараните количини вода од водокорисниците. Според најавите на земјоделците, наводнувањето најпрвин ќе го започнеме на површините во Оризари. Тоа ќе се случи на 8. или на 15. април, во зависност од тоа кога тие ќебидат подготвени. Наводнувањето на површините во Кочанско би требало да започне на 20 април. Во Оризари и Кочанско стартуваме со зафаќање на проточните води  од реките и речните корита. Системската вода од браната „Калиманци“ очекуваме да биде вклучена во наводнувањето после 25 април, информира Зашов.

Според него, навреме е саниран главниот темелен затварач на „Калиманци“, исчистен е „Ободниот“ канал од Бање до Жиганци, како и „Бугарскиот“ канал на потегот од Брегалница до Чешиново.

-Кочанска Река е исчистена од наноси од Облешево до градот, Оризарска од  Мојанци до Оризари,  Зрновска од уливот во Брегалница до Зрновци,  регулирано е коритото на Брегалница помеѓу селата Кучичино и Чифлик, како и т.н. „Блато“,  односно каналот помеѓу Долни Подлог и Кочанска Река.

-Од 1 октомври до денеска на терен секојдневно работиме со 3 - 4 градежни машини, така што десниот магистрален канал од хидросистемот и деталната каналска мрежа се доведени во состојба нормално да ја извршуваат својата функција – дистрибуција на вода - дециден директорот на Подружницата „Брегалница“ Зашов.

Според планот за наводнување , предвидени се вкупно 4 200 хектари под ориз - 3 600 во регионот на Кочани и 600 хектари во Светиниколско.

Освен површините под ориз, од ХМС „Брегалница“ вода ќе добијат уште 3 000 хектари други култури: пченка, луцерка, лозови насади...Таму наводнителната сезона ќе започне на 1 јуни.

Акумулирана вода  во браната „Калиманци“ во моментов е близу до максимумот. На располагање на земјоделците од источниот дел на Македонија им стојат 110 милиони кубни метри вода. Останатиот простор до максимумот од 120 милиони кубици секогаш се остава непополнет, поради евентуален „ударен бран“, односно брз наплив на поголеми количини вода во акумулацијата.

На десетина дена пред стартот на наводнителната сезона, 300 водокорисници од евидентираните околу 7 000 склучиле договори со Подружницата „Брегалница“, велат податоците на претпријатието, што не значи дека оние без договори нема да добијат наводнување.

Во однос на наплатата на водениот надоместок,  во случајов, земјоделците се поажурни. За 2025 година од фактурираните 35 милиони денари, платени се близу 70 отсто. 

Подружницата на АД „Водостопанство на Македонија“, „Брегалница“ – Кочани, во наредниот период ќе работи на чистење на левиот магистрален канал, од каде наводнување добиваат површини што не се под ориз. Оваа активност треба да биде завршена најдоцна до 1 јуни, годинава. ис/вг/

фото: МИА

 

Остани поврзан