По викендов, денеска нема прелив на браната Глажња
- Викендов, екипите на претпријатието, извршија контролирано испуштање на водата од Глажња кон Липково, со што оставија акумулациски простор за собирање дополнителни количини врнежи.
Куманово, 23 февруари 2026 (МИА) - Вкупната количина на вода во браната Глажња во липковско изнесува 22.800.325 метри кубни вода, а во браната Липково 950.322, соопштија денеска надлежните од АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ од каде потенцираат дека има празен акумулациски простор од 1.258.877 метри кубни вода. Викендов, екипите на претпријатието, извршија контролирано испуштање на водата од Глажња кон Липково, со што оставија акумулациски простор за собирање дополнителни количини врнежи. Денеска нема прелив на браната.
-Во изминатиот два дена имавме благ прелив преку преливниот отвор на браната Глажња. Водата се акумулираше низводно во браната Липково каде што се прифатија дополнителните количини од горната брана Глажња за да не дојде до зголемување на водостојот на реката Липковка, а со тоа и на останатите реки во нашиот реон-изјави раководителот на претпријатието, Дарко Живковски.

Тој потенцира дека денеска нема прелив на браната Глажња и нивото е спуштено за десет сантиметри. Во наредниот период екипите ќе продолжат со контролирано испуштање и ќе остават простор за акумулација за нови количини врнежи. Последниве врнежи ги зголемија водостоите на реките во поширокиот кумановски регион, но од претпријатието велат дека поради превентивните активности немаше излевање и штети. ам/дма/