Општина Илинден продолжува да создава модерни и еднакви услови за образование за сите деца
- Градоначалникот Александар Георгиевски изврши обиколка на централното општинско основно училиште во н.м. Миладиновци, како и на подрачните училишта на ООУ „Браќа Миладиновци“, при што направи увид во реализираните активности. Тој истакна дека сите ученици заслужуваат еднакви, модерни и современи услови за образование, нагласувајќи дека Општината и понатаму ќе продолжи со вложувања во унапредување на образовниот процес за сите дечиња.
16 февруари 2026
Општина Илинден продолжува со континуирани инвестиции во подобрување на условите за образование, ставајќи ги децата и нивниот развој во фокусот на локалната политика. Како општина со постојан демографски пораст, локалната самоуправа активно вложува во создавање современа и квалитетна едукативно-образовна средина за учениците од сите населени места.
Градоначалникот Александар Георгиевски изврши обиколка на централното општинско основно училиште во н.м. Миладиновци, како и на подрачните училишта на ООУ „Браќа Миладиновци“, при што направи увид во реализираните активности. Тој истакна дека сите ученици заслужуваат еднакви, модерни и современи услови за образование, нагласувајќи дека Општината и понатаму ќе продолжи со вложувања во унапредување на образовниот процес за сите дечиња.
Во централното училиште во Миладиновци целосно е опремен кабинетот по информатика со 18 нови персонални компјутери, како и 4 лаптопи за наставниот кадар. Дополнително, опремена е училница за првачиња со 27 нови клупи и столчиња, а набавени се и три клима-инвертери, со што сите училници во училиштето се целосно климатизирани. За збогатување на библиотечниот фонд обезбедени се 270 лектири и 55 книги за читателскиот клуб по англиски јазик, како и музички инструмент – синтисајзер, за потребите на наставата по музичко образование. Во насока на подобрување на тековното одржување, набавени се косилка на бензин, дувалка за лисја и работни униформи за техничкиот персонал.
Во подрачното училиште во Мршевци реализирана е реконструкција на тоалетите, отворен е нов влез од внатрешниот дел на објектот и извршена е замена на старите метални врати со нови ПВЦ врати.
Во подрачното училиште во Текија целосно се заменети клупите и столчињата, со што значително се подобрија условите за учениците.
Со овие активности, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за создавање квалитетни, безбедни и современи услови за образование на сите деца, во сите населени места на општината.
Општина Илинден