• петок, 27 февруари 2026

Општина Делчево потпиша Меморандум за соработка со ДПСС „Осогово“

Општина Делчево потпиша Меморандум за соработка со ДПСС „Осогово“

Делчево, 6 февруари 2026 (МИА) - Општина Делчево денеска потпиша Меморандум за соработка со Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ од Кочани. Целта, како што истакна градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, е зајакнување на безбедноста и заштитата на граѓаните и посетителите, особено во планинските подрачја.

-Зголемениот развој на туризмот, а особено планинскиот туризам, како и сè поголемиот број љубители на природата, наметнува потреба од поголема подготвеност и одговорност во обезбедувањето навремена и ефикасна помош при несреќи и вонредни состојби. Со Меморандумот се предвидува заедничко и координирано имплементирање на активности насочени кон подобрување на безбедноста на планина, истакна Гоцевски.

Очекува со ова да се влијае на побрза и поефикасна координација при интервенции, размена на знаења и искуства, како и спроведување превентивни и едукативни активности и обуки.

-Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ во тој поглед е значаен партнер, чија стручност и хуманост претставуваат важен сегмент во системот за заштита и спасување, подвлече Гоцевски.

Од Општина Делчево нагласуваат дека остануваат посветени на градење партнерства кои директно придонесуваат за поголема сигурност и безбедност на заедницата и на сите посетители на општината. вс/вј/

Фото: МИА

 

Остани поврзан