Општина Дебар за првпат спроведува заеднички прекуграничен проект со грчка општина
- Општина Дебар, која до сега има реализирано повеќе проекти со општини од соседна Албанија, поддржани од Европската унија, за првпат спроведува заеднички проект со општина од Грција, поврзан со управувањето со комуналниот отпад и неговото рециклирање.
Дебар, 23 декември 2025 (МИА) – Општина Дебар, која до сега има реализирано повеќе проекти со општини од соседна Албанија, поддржани од Европската унија, за првпат спроведува заеднички проект со општина од Грција, поврзан со управувањето со комуналниот отпад и неговото рециклирање.
-Учеството на Општина Дебар во прекугранични проекти поддржани од Европската Унија треба да биде почесто, бидејќи овие проекти создаваат можности за спроведување на конкретни активности и подобрување на животот на граѓаните. Во оваа насока, новата локална самоуправа започна со имплементација на прекуграничен проект со грчката општина Војо, информира општинската прес-служба.
Во рамки на проектните активности, тимот на Општина Дебар, предводен од градоначалникот Фисник Меља, учествувал на почетниот (kick-off) состанок на проектот во општина Војо. За време на посетата била одржана и заедничка средба меѓу градоначалниците на двете општини, на која биле разменети искуства и институционални пристапи поврзани со управувањето со комуналниот отпад, локалните еколошки политики и вклучувањето на граѓаните во процесите на селекција и рециклирање.
-За време на посетата на Војо двајцата градоначалници ја нагласија важноста на прекуграничната соработка како значаен инструмент за справување со заедничките предизвици и размена на добри практики на локално ниво, посочуваат од општинската прес-службата.
Проектот ReWaste има за цел унапредување на системите за управување со отпад преку воведување иновативни решенија за селекција и рециклирање, системи за наградување на граѓаните и промоција на циркуларната економија.
Од Јавното комунално претпријатие „Стандард“ оценуваат дека проектот е од големо значење и за градот и за руралните средини во општината, посочувајќи дека досегашните активности за рециклирање не дале очекувани резултати поради недоволната свест кај граѓаните. Се очекува проектот да придонесе кон поефикасно управување со отпадот и зголемување на еколошката одговорност.
На средбата биле разгледани можностите за подготовка на други проекти од областа на екологијата. вт/дма/
Фото: Општина Дебар