• среда, 18 март 2026

Одобрени обвиненијата против 13 полициски службеници за пожарот во Кочани и за злоупотреби со ИПАРД, ќе се распределуваат преку АКМИС

Одобрени обвиненијата против 13 полициски службеници за пожарот во Кочани и за злоупотреби со ИПАРД, ќе се распределуваат преку АКМИС

Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Советот за оценка на обвинителен акт при Основен кривичен суд Скопје донесе решенија со кои во целост ги одобри двата обвинителни акта поднесени од Основно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по што се формирани и два кривично-правни предмета, поврзани со пожарот во Кочани и со ИПАРД-програмата.

Првиот предмет се однесува на 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

- Со решението се одобрува во целот обвинителниот акт против 13 полициски службеници, кои се товарат дека сториле кривично дело - тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот, кој на 16 март 2025 година се случи во објектот „Пулс“ во Кочани - се наведува во соопштението од судот.

Вториот предмет се однесува на финансиски малверзации и примање поткуп во врска со европската ИПАРД-програма. 

- Обвинителниот акт е однесува на пет физички лица за разни кривични дела, и тоа: давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание, примање награда за противзаконито влијание и примање поткуп, во чиј склоп е и обвинителен предлог против четири други физички и едно правно лице, а поврзани со користење средства преку ИПАРД-програмата - се посочува во соопштението од Кривичниот суд.

Предметите, во согласност со АКМИС-системот, ќе бидат распределени на понатамошно постапување кај надлежни судии, а откога ќе биде насрочена главната расправа по конкретните предмети, термините ќе бидат достапни преку календарот за судење на веб-страницата на судот, велат од Основниот кривичен суд Скопје. дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан