• понеделник, 16 март 2026

Обвинителството на МКС: Дутерте клучен во убиството на илјадници луѓе

Обвинителството на МКС: Дутерте клучен во убиството на илјадници луѓе

Хаг, 23 февруари 2026 (МИА) – Обвинителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) денеска побараа потврдување на обвинението против поранешниот претседател на Филипини, Родриго Дутерте, за да може да почне неговото судење.

- Така наречената војна против дрогата на Дутерте резултираше со убиства на илјадници цивли, а многу од жртвите беа деца - изјави обвинителот Маме Нианг на рочиштето за потврдување на обвинението.

Според правилата на МКС, судиите мора да го потврдат обвинението пред судскиот процес.

Според обвинителите, Дутерте создал, финансирал и вооружувал ескадрони на смртта кои убивале наводни продавачи и корисници на наркотици.

- Дутерте одиграл клучна улога во извршувањето на кривичните обвиненија. Неговиот придонес бил клучен бидејќи бил во самиот центар на планот за неутрализирање на наводните криминалци, вклучувајќи ги и убиствата, посочи Нианг.

Дутерте беше претседател на Филипините од 2016 до 2022 година, а беше уапсен и однесен во Хаг во март минатата година.

По завршувањето на сослушувањата в петок, судиите ќе имаат до 60 дена да одлучат дали има доволно докази за да се оди на судење. ми/сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан