• вторник, 20 јануари 2026

ОАЕ соопштија дека доброволно ја прекинуваат мисијата на антитерористичките сили во Јемен

ОАЕ соопштија дека доброволно ја прекинуваат мисијата на антитерористичките сили во Јемен

Абу Даби, 30 декември 2025 (МИА) – Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) објави дека доброволно ја прекинало мисијата на своите единици за борба против тероризмот во Јемен.

Како што јави новинската агенција на ОАЕ – УАМ, одлуката е донесена поради неодамнешните случувања и нивните потенцијални последици за безбедноста и ефикасноста на антитерористичките операции.

Претходно во текот на денот, шефот на Претседателскиот совет за лидерство на Јемен, Рашад ал Алими прогласи 90-дневна вонредна состојба и нареди во рок од 24 часа да се повлечат трупите на Обединетите Арапски Емирати од јеменска територија, поради нивната поддршка на сецесионистички сили на југ, наречени Јужен преоден совет (СТЦ).

Со декретот на ал Алими се поништува одбранбениот договор меѓу Јемен и ОАЕ, според кој тие се бореа заедно против бунтовниците Хути, поддржани од Иран, во долгогодишната граѓанска војна во Јемен.

Ал Алими исто така нареди затворање на сите пристаништа и гранични премини во Јемен во рок од 72 часа.

Во текот на месецот силите поврзани со СТЦ зазедоа големи делови во провинциите Хадрамаут и ал Махра, кои заедно сочинуваат околу половина од територијата на Јемен.

Саудиските сили утрово извршија „ограничен воздушен напад“ врз два брода во јужниот јеменски пристаништен град Мукала, тврдејќи дека доставувале оружје на СТЦ.

И Министерство за надворешни работи на Саудиска Арабија денеска побара повлекување на војниците на ОАЕ од Јемен и Абу Даби да ги запре сите форми на воена и финансиска поддршка за „локални актери“.

Саудиска Арабија ги обвини ОАЕ дека вршат притисок врз силите на СТЦ да почнат воени операции во близина на јужната граница на Саудиска Арабија.

Ријад предупреди дека таквите акции ја загрозуваат не само националната безбедност на Саудиска Арабија, туку и стабилноста на Јемен и поширокиот регион.

Јеменските владини сили поддржани од Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран се борат за превласт од 2014 година. Хутите контролираат големи делови од земјата, вклучително и Сана, каде што Хутите ги воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти се протерани од Сана во Аден. Според Обединети нации, граѓанската војна во Јемен доведе до хуманитарна катастрофа и разурната инфраструктура. ми/јт/

фото: 

Остани поврзан