Нови програми за специјализации и супспецијализации за унапредување на системот на здравствена заштита (ДПЛ)
- Во рамките на реформата на системот на здравствена заштита се унапредува еден од најважните сегменти кој има директно влијание врз квалитетот на здравствените услуги што ги добиваат граѓаните, а тоа е системот на специјализации и супспецијализации. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Азир Алиу, кој ги презентира новите програми за специјализации и супспецијализации.
Скопје, 16 април 2026 (МИА) - Во рамките на реформата на системот на здравствена заштита се унапредува еден од најважните сегменти кој има директно влијание врз квалитетот на здравствените услуги што ги добиваат граѓаните, а тоа е системот на специјализации и супспецијализации. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Азир Алиу, кој ги презентира новите програми за специјализации и супспецијализации.
- Анализите покажаа дека имаме тесно профилирани специјалисти со ограничена применливост, недоволна практична подготвеност, особено во итната и интензивната медицина, како и сериозен притисок врз терцијарното здравство. Дополнително, постои неусогласеност со современите европски образовни модели. Затоа примарниот фокус на оваа реформа го ставаме на две клучни области - интерната медицина и општата хирургија. Во делот на интерната медицина воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега - рече Алиу.
Потенцира дека се воведуваат засилени обуки за POCUS - point-of-care ултразвук како стандардна вештина за секој интернист, а дополнително се дефинираат минимални практични интервенции и се овозможува поголема автономија на специјалистите во нивната секојдневна работа.
- Нашата цел е образовниот процес да создаде интернист кој може самостојно да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво, со поширока клиничка подготвеност за состојби во однос на различните органски системи. Во делот на општата хирургија, воведуваме петгодишен, европски усогласен курикулум, со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Го подобруваме системот на тријажа и создаваме основа за понатамошна супспецијализација. Целта е да создадеме флексибилен и функционален хирург, со развиени вештини и знаење да одговори на реалните потреби на болниците, особено во внатрешноста на државата, истакна Алиу.
Според него, ефектите кои се очекува да бидат постигнати за здравствениот систем се подобра достапност на квалитетна здравствена услуга, намалување на упати кон терциерно ниво, подигнување на безбедноста на пациентите и рационализација на човечки ресурси.
Тој појасни дека предвиден е период од 36 месеци односно три години по специјализацијата студентите да можат од стара специјализација да се префрлат на нова програма.
Новиот модел, нагласи министерот, предвидува едногодишни програми за постојните специјалисти, односно нивно усогласување, како и двегодишни програми со стандардна надградба по новите специјализации.
-Нашата стратешка насока кон која се движиме е враќање кон широка базична специјализација, супспецијализација како надградба, примена на принцип на регионализација и постигнување на баланс меѓу општи специјалисти и тесно профилирани експерти. Ова, освен што е образовна реформа, истовремено е и системска промена која ќе донесе подобра достапност до квалитетна здравствена услуга, поефикасно користење на ресурсите и зајакнување на секундарното здравство, покомплетен, пофлексибилен и системски усогласен медицински кадар - како одговор на реалните потреби на здравствениот систем и пациентите, како и кадар кој не само што има знаење, туку има и практична подготвеност да реагира таму каде е најпотребно, додаде Алиу.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот рече дека новиот модел на специјализации почнува од 1 септември.
- Сите студенти кои се на специјализации до трета година ќе може да се префрлат во новата програма во новиот курикулум, а тие кои се над трета година ќе бидат по старата програма. Идејата е креирање тим за да може кардиолозите, хирурзите, интернистите да работат, ќе одиме со мобилност, додека креираме кадар кој ќе работи во внатрешноста, додаде Алиу.
За значењето на реформата во медицинското образование на прес-конференцијата зборуваа деканите Медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, проф.д-р Светозар Антовиќ, проф. д-р Невзат Елези и проф. д-р Катерина Златановска, како и претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Проф.д-р Гривчева Старделова рече дека со години наназад имале разговори со нивните колеги вработени во секундарното здравство, со здруженија на пациенти и внимателно се обидувале да се изнајде решение за да се помогне и на пациентите и на докторите.
- Доктор во Македонија ќе задржите ако го вработите и ако му дадете да се образува така како што треба. За да биде тоа наједноставно и корисно за сите нас направивме контакти со коморите од европските земји. Во Германија, Австрија, Словенија коморите се тие кои ја организираат специјализацијата на нивно ниво. Имавме и работна средба со коморите од Германија, Хрватска и Србија. Наидовме на позитивно размислување од министерот, од универзитетите, од медицицинските факултети во државава да се направи измена на начинот на специјализации. Интерната медицина и општата хирургија се основа на медицината и затоа инсистиравме тоа да биде нешто од кое сите колеги ќе имаат сериозна основа за да може според потребите на нивните болници да одат да се надградуваат, истакна проф.д-р Гривчева Старделова.
Таа посочи дека кога прават студии епидемиолозите велат дека околу 70 проценти од пациентите се во Клиничкиот центар, и дека тоа не би требало да биде така.
- Нашите колеги од внатрешноста се апсолутно образувани и можат да преземат дел од пациентите, додаде проф.д-р Гривчева Старделова.
Проф.д-р Антовиќ рече дека целта е програмата по општа хирургија и интерна медицина да ја направат покомпактна и попримамлива за нивните колеги.
- Таа специјализација ќе биде со должина од пет години и тоа треба да постигне директорите на сите установи на секундарно ниво своите специјализанти да ги испраќаат на општа хирургија и на интерната медицина, да добијат звање општ хирург односно општ интернист, а не да ги праќаат директно на Торакална хирургија, на абдоменална хирургија, нешто што е резервирано секогаш за универзитетски клинички центри. Тоа е една сериозна реформа доколку вака како што е замислена, ја имплементираме во иднина. Тоа ќе овозможи многу подобрена здравствена заштита на целата територија на државата, што е целта на сето ова што го правиме, додаде проф.д-р Антовиќ.
Проф. д-р Златановска рече дека направени биле опсежни анализи за потребата да се изврши укинување на насочените специјализации.
Проф. д-р Невзат Елези истакна дека за насочените специјализации има време и дека нивната цел била да се усогласат сите законодавни упатства што ги нуди ЕУ. рп/дма/
Фото: МИА