• понеделник, 19 јануари 2026

Најмалку 13 загинати во железничка несреќа во Мексико

Најмалку 13 загинати во железничка несреќа во Мексико

Мексико Сити, 29 декември 2025 (МИА) – Најмалку 13 лица загинаа кога воз со 250 луѓе излета од шините во јужната сојузна држава Оахака, соопштија мексиканските власти.

Мексиканската морнарица во соопштение наведе дека 13 лица го загубиле животот во несреќата, а 98 се повредени, од кои 36 лица се задржани на болничко лекување.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави дека пет лица се во критична состојба.

Во претходното соопштение, морнарицата наведе дека возот, составен од четири вагони и две локомотиви, превезувал 241 патник и девет членови на персоналот кога излетал од шините во близина на градот Низканда.

„Интерокеанскиот воз“ сообраќал преку превлаката Техуантепек, од пристаништето Салина Круз на брегот на Пацификот до Коацакоалкос во Мексиканскиот Залив.

Морнарицата соопшти дека ангажирала 360 припадници на морнарицата, 20 возила, четири амбулантни возила, три хеликоптери за итна медицинска помош и тактички дрон во операцијата за пребарување и спасување. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан