Промоција на книгата раскази „Егосурфер“ од Александар Русјаков
- Книгата е втора збирка раскази на Русјаков, кои се од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк и, како што соопшти издавачот, ги има препознатливите книжевни зачини на Русјаков - лиричност и сатиричност.
Скопје, 18 февруари 2026 (МИА) - Новата книга на Александар Русјаков, насловена „Егосурфер“, издание на „Арс Ламина“, ќе биде промовирана вечер од 20 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Книгата е втора збирка раскази на Русјаков, кои се од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк и, како што соопшти издавачот, ги има препознатливите книжевни зачини на Русјаков - лиричност и сатиричност.
-Оваа збирка раскази го носи насловот „Егосурфер“, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото, наведува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на голем број филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза. Неговиот роман „Хотел меѓу две војни“ ја доби наградата „Пегаз“ во 2021 година и „Рациново признание“ во 2022 година.
По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, минатата година Русјаков ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“. хс/дј
Фото: Литература.мк