ДПМ ќе ги објави добитниците на петте годишни награди за 2025
- Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска напладне на прес-конференција ќе ги соопшти добитниците на петте традиционални годишни награди за 2025 година, за кои одлучуваа пет жири-комисии. Минатата недела ДПМ информираше за насловите кои се финалисти за секоја од петте награди:
Скопје, 10 февруари 2026 (МИА) - Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска напладне на прес-конференција ќе ги соопшти добитниците на петте традиционални годишни награди за 2025 година, за кои одлучуваа пет жири-комисии. Минатата недела ДПМ информираше за насловите кои се финалисти за секоја од петте награди:
За наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за најдобро прозно дело објавено во 2025, од вкупно седумнаесет пријавени дела на конкурсот, во финалниот круг влегоа четири: „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски („Чудна шума“); „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска („Арс Ламина“); „Арагон“ од Михајло Свидерски („Антолог“) и „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина“). ДПМ соопшти дека поради израмнет број бодови на две дела за трето место, со одлука на Управниот одбор на ДПМ во финалниот круг за наградата „Стале Попов“ влегуваат четири наместо три наслови.
За наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка објавена во 2025, на конкурсот аплицирале шеснаесет поетски книги, од кои финалисти се три наслови: „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски („Арс Ламина“); „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова („Или-или“) и „Вообразби (лирски етиди од некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“).
За наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади објавена во 2025, од вкупно тринаесет пријавени дела во финалето влегоа три наслови: „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска („Три“); „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети („Или-или“) и „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски („Арс Ламина“).
За наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ за 2025 се пријавени четири дела и тие воедно се сметаат за финалисти: „Филмско око“ од Игор Анѓелков („Или-или“); „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска („Матица“); „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска („Полица“) и „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“).
За наградата „Мост“ за 2025, која ДПМ ја доделува за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, пријавени се следните три дела: „Embsuame Paskajore” („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани („Академска мисла“); „Pronicanje tišine” („Проникнување на тишината“) од Љерка Тот Наумова („Академска мисла“) и „Atdheu: burrë pa grua” („Татковината: маж без жена“) од Каљош Челику (Сојуз на писатели Албанци на Македонија).
По прогласувањето на добитниците денеска, ДПМ ќе им ги врачи наградите на 13 февруари во 12 часот на свеченост по повод 79-годишнината од основањето на писателската асоцијација. хс/ев/
Фото: МИА архива