24. Дебармаалски средби и серенади
- Во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ – Скопје денеска во Дебар Маало ќе се одржат 24. манифестација посветена на виното и љубовта „Дебармаалски средби и серенади“.
Скопје, 13 февруари 2026 (МИА) – Во организација на Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ – Скопје денеска во Дебар Маало ќе се одржат 24. манифестација посветена на виното и љубовта „Дебармаалски средби и серенади“.
- Средбите, што се одржуваат по повод по повод Св. Трифун и Св. Валентин, ќе започнат во 13 часот кај мостот кај Жабарот, а програмата ќе се одвива на повеќе локации преку музички, поетски и гастрономски содржини наменети за љубителите на уметноста и традицијата. Настанот е конципиран како петчасовно културно патување низ Дебар Маало - најавуваат од „Гороцвет“, кои ја органиизраат манифестацијата во соработка со Здружението на пензионери на општина Центар и Општина Центар.
Првиот сегмент ќе опфати закројување на лоза и пуштање порака за мир и љубов во реката Вардар, со учество на ученици од ООУ „Коле Неделковски“. Потоа серенадите ќе продолжат на улицата „Боемска“, како и во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебар Маало“, каде ќе се одржи и традиционалната „беседа за виното и љубовта“.
Програмата ќе продолжи по улицата „Дебарца“ до кафеаната „Антица“, каде учесниците ќе пеат и ќе наздравуваат со бело и црвено вино. Следува делот на „Костурски херои“, каде по традиција од балкон се полева со вода, цвеќиња, бонбони и паричка. Во 17 часот во пекарницата „Силбо“ ќе се изведе обредот на кршење „Дебармаалска погача“, проследен со песна и музика.
Настанот, кој има повеќе од две децении традиција, се организира под водство на уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин. Од „Гороцвет“ истакнуваат дека целта е создавање општествен простор во кој љубовта, мирот и соживотот се промовираат како највисоки вредности. бк/лв/
Фото:МИА