• петок, 15 мај 2026

Национален ден на мигрената: од дванаесет до петнаесет проценти од населението имаат мигрена, современите терапии достапни и во земјата

Национален ден на мигрената: од дванаесет до петнаесет проценти од населението имаат мигрена, современите терапии достапни и во земјата

Скопје, 21 април 2026 (МИА) - Мигрената не е обична главоболка, туку онеспособувачка состојба што бара посебен третман и медикаментозна терапија - апелираа невролозите на Националниот ден на мигрената, кој првпат се одбележува во земјата, во организација на Македонското невролошко здружение и Клиниката за неврологија со мотото „Мигрената е повеќе од главоболка“. Во земјата се смета дека од дванаесет до петнаесет проценти од населението има мигрена, што значи некаде околу сто осумдесет-двесте илјади жители во нашата држава се афектирани од мигрена.

Д-р Емилија Цветковска од Клиниката за неврологија и претседател на Македонското невролошко здружение истакна дека првпат во земјата се одбележува Националниот ден на мигрената со цел подигнување на јавната свесност дека таа претставува сериозна невролошка состојба, а не само обична главоболка.

Таа нагласи дека мигрената е една од најонеспособувачките невролошки заболувања, при што пациентите за време на напад не се способни за работа или секојдневни активности и често се повлекуваат во затемнета просторија поради чувствителност на светлина, звук, гадење и вртоглавица.

- Мигрената буквално им краде денови од животот на луѓето. Во Европа се проценува дека приближно 50 милиони луѓе страдаат од оваа состојба, а на светско ниво бројката достигнува околу една милијарда - изјави Цветковска додавајќи дека вообичаените лекови против болка често не се ефикасни.

Според неа, мигрената ги погодува сите возрасни групи, но најчеста е кај работоспособното население на возраст од 25 до 55 години и е трипати почеста кај жените, што се поврзува со хормоналните фактори.

- Во однос на тоа дали постои во детската возраст, постои исто така. Порано се сметаше дека таа поминува во менопаузата, но не, постои и кај постарата популација, така што никој не е поштеден од мигрената. Терапијата се дели на онаа што се дава за прекин на акутниот напад на мигрената, кога ќе се јави или ако некој има чести напади, и превентивна терапија за воопшто да не се јават нападите. И тука е, нели, големиот напредок во терапијата, што во последните години постои во светот, бидејќи имаме лекови што специфично влијаат на механизмите на настанување мигрена. Вообичаените аналгетици честопати не помагаат и затоа треба да се даваат овие лекови - рече Цветковска.

Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, информира дека од февруари годинава е формирана специјализирана амбуланта за третман на мигрена, каде што во изминатиот период поминале повеќе од 50 пациенти.

Тој посочи дека од 2020 година на Клиниката се применува современа терапија за превенција на мигренозни напади преку Фондот за здравствено осигурување, при што досега се опфатени 117 пациенти.

- За третманот на самата мигрена, веќе во денешно време постојат многу современи лекови, кои не го запираат самиот мигренски напад, туку го превенираат да не се јави - нагласи д-р Божиновски.

- Ефектите се охрабрувачки - кај некои од пациентите нападите се значително намалени или целосно отсуствуваат. За оваа година планираме проширување на терапијата за уште 70 пациенти - рече Божиновски.

Лекарите предупредуваат дека некои од пациентите сè уште не ја препознаваат мигрената или ја занемаруваат наместо да побараат медицинска помош поради што повикуваат на поголема информираност и навремено лекување.

- За жал, сè уште, еве и затоа е оваа акција - да се подигне јавната свест за постоењето на мигрената. За жал, одреден број пациенти нити ја препознаваат нити ја третираат, туку едноставно се затвораат во своите домови неколку дена, два-три, додека трае нападот, па кога ќе помине, ќе им се вратат на своите работни задачи. Меѓутоа, тоа не е целта и еве ги охрабрувам да се јават кај соодветни невролози за да дијагностицира соодветно или да се јават на нашата клиника и во нашата амбуланта за мигрена - истакна Божиновски.

Прогнозата може да се промени доколку се преземат соодветни мерки, се вели во придружниот коментар во истото списание.

Тој потенцира дека според статистиките, од дванаесет до петнаесет проценти од населението имаат мигрена, што значи некаде околу сто осумдесет-двесте илјади жители во нашата држава се погодени од мигрена.

- Не сите доаѓаат, се разбира, меѓутоа сепак тоа е една сериозна и голема бројка и во нашите амбуланти често циркулираат такви пациенти, некогаш не како мигренозни, туку како главоболки, но ги има, и тоа е една од најчестите патологии што јавува во нашата амбуланта - рече Божиновски.

Тој рече дека за да се дијагностицира мигрената, пред сè, е многу битно да се земе добра анамнеза од самиот пациент за тоа како тече хронологијата на почнување на самиот пат на главоболката, понатаму и можните придружни симптоми.

- Некои од мигрените одат со аура, односно одредени симптоми, кои претскажуваат дека ќе се случи тој мигренски напад, така што добро земената анамнеза, добриот невролошки преглед и потребните, ако се потребни, дополнителни иследувања со дополнителни радиолошки техники, тоа е доволно за да се постави оваа дијагноза - истакна д-р Божиновски.
 
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашко Клековски, рече дека мигрената како состојба значитено влијае на квалитетот на живот и на продуктивноста на граѓаните.

- Во таа смисла имавме голема чест да ја поддржиме Клиниката за неврологија за почнување со современа терапија за мигрена, која не значи само контрола на болеста, туку дава можност и за комплетно наминување на болеста. Сето тоа може да влијае квалитетот на живот на граѓанте, на продуктивноста, на намалување на боледувањето, на отуството од работа - затоа ќе ја поддржуваме и во иднина - додаде Клековски. нд/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан