• четврток, 25 декември 2025

Монографија за творештвото на уметникот Владимир Георгиевски

Монографија за творештвото на уметникот Владимир Георгиевски

Скопје, 25 декември 2025 (МИА) - Во издание на „Кродо“ објавена е монографија за уметникот Владимир Георгиевски (1942 – 2017) и неговото исклучителното творештво кое е систематизирано, анализирано и толкувано во обемна студија насловена: „Етичкиот императив како одговор на институционализирањето на светото и егзистенцијалното“ на историчарот на уметноста Љубен Пауновски.

-На 248 страници преку обемна стручна студија, текстови од уметникот и 340 колор репродукции од сите тематски циклуси и уметнички техники и дисциплини, монографијата го претставува огромниот уметнички опус на Владимир Георгиевски, соопшти издавачката куќа.

Авторот Пауновски наведува дека сликарството на Владимир Георгиевски е „жестока полемика со остар критичко-демаскирачки став кон институционализацијата на светото и егзистенцијалното во човековиот свет“.

- Уметничкиот опус на Владимир Георгиевски е заснован на неговиот личен животен принцип кој гласи: „Човек без вера не е човек“, што во овоземното живеење подразбира човек (човештво) што стреми кон чистото срце и просветлениот ум, какви што се (архетипите) на небесниот рицар Христос (христоликите) и на земниот рицар Дон Кихот (донкихотите). Меѓутоа, опсервациите и непосредните или историските искуства што тој ги добивал за човекот, за човечките односи, за нивната социјална структура и воопшто за светот на луѓето, во него создавале ментални слики на човечки свет поклопен од вечна ноќност, постојана судреност на една етаблирана и една исклучена толпа, на постојани ругања, клевети и распнувања, на луѓе со слаба ментална светлина, на помама по материјалното, по Златното теле кое како врховен култ со милениуми суверено владее со човештвото. Преку неговите навидум „религиозни“ теми, Георгиевски ги разоткрива причините на ваквите состојби. Неговите „Адам и Ева“, пречекорувајќи го прагот од Рајот во овој Свет, со себе ги донеле кавгите за сите можни нешта, вклучувајќи ги и кавгите и меѓусебните обвинувања за љубовта и омразата, довербата и измамата, вистината и лагата... Така, според уметникот, вистината била загрозена уште во почетокот на светот, а таква останала и денеска, пишува меѓу другото Пауновски. 

За избавување од ваквата состојба, додава, „уметникот апелира на етичките императиви и доблесната човечност, кои стојат во основите на сите религиски учења во светот, но кои како институционализирани системи, според сфаќањата на уметникот, предоминантно се манифестираат во материјалното наместо во духовното“.

Издавачот „Кродо“ посочува дека двојазичната монографија со колор репродукции на сликите на Владимир Георгиевски и толкувањата на авторот Пауновски, „дава извонреден увид во творештвото и филозофско-општествените увиди на еден од најмаркантните сликари на македонската ликовна сцена“. хс/вг/

Фото: Кродо / корица на книга  

Остани поврзан