Мицкоски очекува плодни и успешни резултати од априлската сесија на Стратешкиот дијалог со САД
- Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за медиумите денеска нагласи дека очекува плодни и успешни резултати од сесија на Стратешкиот дијалог со САД, што ќе се одржи во април во Вашингтон.
Скопје, 28 март 2026 (МИА) - Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за медиумите денеска нагласи дека очекува плодни и успешни резултати од сесија на Стратешкиот дијалог со САД, што ќе се одржи во април во Вашингтон.
-Очекувам плоден стратешки дијалог и плодни и многу успешни резултати од оваа сесија на Стратешкиот дијалог. Ние имаме серија меѓународна активност со која само се потврдува дека оваа Влада води принципиелна и стратешки важна надворешна политика, а не политика на коленичење и на очекување милост. САД се наш најголем стратешки партнери и имаме пријателска соработка и како дел од таа пријателска соработка е овој Стратешки дијалог кој на почетокот на април ќе се случи во Вашингтон, САД, рече Мицкоски по настанот под мотото „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“.
Премиерот соопшти дека на овој состанок во Вашингтон ќе присуствуваат неколку членови од Владата и ќе се разговара за соработка во повеќе области.
-Но, за деталите нека се случи, па ќе зборуваме тогаш подетално, рече премиерот Мицоски.
Тој изјави дека нема да има предвремени парламентарни избори оваа година и оти целта останува редовниот изборен циклус во 2028 година.
-Јас кажав дека оваа година немаме намера да имаме предвремени парламентарни избори и дека нашата цел се редовни парламентарни избори во 2028 година. Многу пати кажав досега. Иако политички опортуно е покрај вакви бројки, после убедливата победа на локалните избори да организираме и предвремени парламентарни избори. Но, тоа не мислам дека е сега државнички потег. И наша желба е да имаме редовни парламентарни избори пролетта 2028 година. Ние сме отприлика на крајот од првата половина од нашиот мандат, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Владата е фокусирана на реформските процеси и на меѓународната агенда.
-Мислам дека треба да се фокусираме на реформите. Јас се вратив со добри вести од Брисел, само ќе чекам самата Европска Комисија да ги соопшти во делот на испораката на реформската агенда. Не би сакал да бидам тој што тоа ќе го каже. Но, јас сум задоволен и оние средби што ги имаме и координативни состаноци за испорака на реформи кои се дел од Реформската агенда вродија со плод, така ќе продолжиме и во иднина. Наш приоритет е испораката на реформи и стабилност во регионот, нешто што го правиме, рече премиерот.
Мицкоски повтори дека по внатрешното консолидирање на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ очекува во мај или во јуни да почнат разговорите околу новиот владин кабинет.
-Дотогаш и ние како политичка партија имаме внатрешно консолидирање . И коалицијата ВЛЕН, според последните информации треба да прерасне во една политичка партија, има внатрешно консолидирање. Мислам дека уште во април ќе заврши ова внатрешно консолидирање и веќе во мај и јуни ќе почнат овие разговори околу новиот владин кабинет и други институции, рече премиерот Мицкоски. фф/вг/
Фото: МИА Архива