• четврток, 19 март 2026

Мирен протест на учениците и студентите во Атина во пресрет на тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи (Фото)

Мирен протест на учениците и студентите во Атина во пресрет на тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи (Фото)

Атина, 26 февруари 2026 (МИА) – Во пресрет на тригодишнината од железничката несреќа кај Темпи во која загинаа 57 лица, што ќе се одбележи в сабота, но и за да ги истакната нивните барања поврзани со условите за студирање и против владините промени во високото образование, студентите и учениците во Грција денеска одржаа протести во низа градови, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Атина, протестот беше мирен и масовен, учениците и студентите побараа правда за жртвите, кои мнозинството беа токму студенти, низ улиците во грчката метропола маршираа со слоганите „Убијци“, „Не беше несреќа, беше криминал“, „Не забораваме, не простуваме“, а кај споменикот на Незнајниот војник пред Парламентот поставија големо пано со повика за масовно учество на протестите закажани за сабота.

„Сите на Синтагма на 28 февруари во 12 часот. Нивниот профит или нашите животи“ – пишуваше на паното од студентските здруженија од Атина.

На импровизираниот споменик пред Парламентот во чест и спомен на загинатите каде што се испишани имињата на сите загинати, студентите претпладнево уште еднаш, со црвена боја поминаа врз испишаните, но избледени (со текот на времето) имиња.

Во сабота, кога се навршуваат три години од вечерта кога патнички и товарен воз директно се судрија кај месноста Темпи, најавени се масовни протести во сите грчки градови но и во странство.

Паралелно, голем дел од синдикатите закажаа генерални штрајкови.

Ланскиот протест за железничката несреќа беше еден од масовните демонстрации во Грција во последните најмалку десет години.

Судскиот процес со 36 обвинети лица ќе започне на 23 март во градот Лариса. ср/сд/

Фото: МИА

Остани поврзан