• среда, 18 март 2026

Минимален интерес меѓу дебрани за осигурување на недвижен имот

Минимален интерес меѓу дебрани за осигурување на недвижен имот

Дебар, 18 март 2026 (МИА) - Во Општина Дебар, владее минимален интерес кај сопствениците за осигурување на нивниот недвижен имот, што го потврдува  податокот дека со децении само мал дел од сопствениците на станови и куќи направиле соодветно осигурување. 

Како што беше истакнато на седница на Советот на општината, при разгледувањето на Извештајот за активностите на Територијалната противпожарна единица, проблемот бил евидентен и во текот на минатата година, кога од 117 интервенции на единицата, само 2 проценти од оштетените имоти биле осигурени. Овој минимален процент важи и за приватниот и за општествениот сектор.

-Оваа ситуација не е во ред, бидејќи штетите се големи, а засегнатите не добиваат надомест, бидејќи нивните имоти се неосигурени. Ова се случува со години. Се обидовме да го информираме населението за потребата од осигурување на куќи, станови и друг недвижен имот, но тоа не се случува. Само минатата година, во 114 интервенции, материјалната штета достигна 137 илјади евра. Бидејќи објектите беа главно неосигурени, штетите не се надоместени,  рече Џетан Мифтароски, командир на ТППЕ.

Дека интересот за осигурување на недвижности, како во градот, така и во селските населени места, продолжува да биде многу низок, потврдуваат и претставниците на осигурителните компании што делуваат во градот.

Со оние со кои разговаравме велат дека оваа состојба е ваква повеќе од три децении иако, според нив, условите што ги нудат се поволни. вт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан